Косовскиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Хашим Тачи во средата оценил дека секогаш кога Србија се обидува да подигне „политичка галама“ за наводното претставување на своите планови за конечното решение за Косово, сè повеќе потврдува дека тешко може да го надмине експанзионистичкиот менталитет од минатиот век, пренесуваат српските медиуми.
-За нас тие неуспешни планови не се изненадување, како што не се изненадување ни за оние демократски држави во светот кои ни помогнаа да имаме слобода и независност. Ние само сакаме да изразиме разочарување од таквиот пристап од страна на една соседна земја која се стреми да стане членка на европското семејство – напишал Тачи на својот Фејсбук профил.
Многу добро се знаат принципите и причините поради кои е основана и како функционира Европската унија, напишал Тачи, додавајќи дека „Косово ќе му помогне на северниот сосед да излезе од менталитетот на минатиот век, ставајќи му јасно до знаење дека Косово е веќе 16 години слободно, а седум години независна држава признаена од поголем број на држави во светот“.
Ние сме одлучни да одиме напред кон зачленувањето во ЕУ и НАТО, рекол Тачи, изразувајќи надеж дека и белградските политичари „што поскоро ќе се разбудат од сонот и ќе сфатат дека Косово е ноќен кошмар кој е создаден во нивните мисли и кој е завршен“.
– Некои ќе го сфатат тоа многу порано, додека останатите мораат да го сфатат тоа што поскоро – заклучил Тачи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.