Линијата на среќата опаѓа со влегувањето во средните години, но само ако живеете на богатиот Запад, покажа истражувањето на британските научници кое го пренесе БиБиСи.
Користејќи се со глобалните податоци, експертите од Универзитетот во Лондон откриле дека животното задоволство зависи од тоа каде живеат луѓето. Линијата на среќата во САД и во Велика Британија има форма на буквата У латинично (U) од дното до средни години, додека во Африка константно е ниска, а во источна Европа, во поранешниот Советски Сојуз и Латинска Америка со годините опаѓа.
Причините за тоа се повеќекратни и сложени, но постојат некои сигурни објаснувања и лекции кои можеме да ги научиме од тоа, вели проф. Ендрју Стептоу.
Експертите користеле податоци на Галуп од повеќе од 160 земји во светот во кои живеат 98 отсто од светското население. Кај западните народи, животната среќа паѓа на најниско ниво од 45 до 54 години, а потоа повторно расте. Тоа е најдобро време за напорна работа и заработување на пари, дури и покрај жртвување на среќата, за да може подоцна тоа богатство и задоволство да се зголеми, рече коавторот на студијата Ангус Деатон.
Токму со тоа може да се објасни зошто постарите луѓе се среќни наспроти тоа што со години телесно се се послаби. Иако ги мачи лошо здравје, нивното општо задоволство од животот го поништува негативното влијание на физичките проблеми, велат експертите.
Во транзициските земји, како што се земјите на поранешниот Советски Сојуз, нивото на животното задоволство константно паѓа со стареењето и општо е помало од нивото на Запад.
Тоа повторно може да се поврзе со економските причини, бидејќи постарите луѓе во тие земји повеќе не живеат во систем кој им давал смисла на животот, пензии и здравствено обезбедување.
Во субсахарска Африка задоволството од животот е ниско во текот на целиот живот, а стресот и стравот се високи, покажа истражувањето. Професор Стептое вели дека парите не се гаранција за среќа, но економскиот развој секако придонесува за чувството на задоволство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.