| четврток, 6 декември 2018 |

Ова е Стефан Шарб, уредникот на „Шарли ебдо“ и автор на карикатурата што го претскажа терористичкиот напад

Меѓу дванаесетте лица кои загинаа во терористичкиот напад врз редакцијата на неделникот „Шарли ебдо“ е и неговиот уредник Стефан Шарб, тој е автор на карикатурата која на еден начин го претскажа терористичкиот напад, во кој самиот загина, јави дописникот на МИА од Париз.

Минатата недела тој објави карикатура во весникот под наслов „Сеуште нема атенати во Франција“, на која се гледа еден вооружен исламист кој одговара: Почекајте! Можеме до крајот на јануари да ги испратиме нашите честитики“ .

Во февруари 2006 „Шарли ебдо“, како и повеќето европски весници ги објави 12 карикатури на Мухамед, објавени во данскиот весник „Јоландс постен“ во името на слободата на печатот.

Овие цртежи предизвикаа лавина протести проследени со насилство во муслиманскиот свет и весникот од тогаш е под постоајни закани.

Во ноември 2011. весникот и покрај заканите оди уште подалеку, објавувајќи специјален број под насловот „Шариа ебдо“, на насловната страна со Мухамед кој ги крие очите и се жали дека „е тешко да се биде сакан од глупаци“. Весникот се продаде во 400.000 примероци.

На самиот ден од излегувањето од печат, просториите на „Шарли ебдо“ беа запалени. Владата на Франција тогаш со прст ги покажа „муслиманските интегристи“ и истакна дека станува збор за терористички напад.

Уредникот на „Шарли ебдо“ имаше добиено смртни закани и беше ставен под полициска заштита. Тој и денес беше под полициска заштита. Најверојатно еден од убиените полицајци е тој што го заштитуваше.

Во Монд во 2012 кога му го поставија прашањето за заканите за неговиот живот, Шарб одговори: „Немам ниту деца, ниту жени, немам автомобил, немам кредит. Изгледа многу помпезно да го кажам тоа, но повеќе сакам да умрам стоечки, отколку на колена.“

Во нападот загинаа уште тројца врвни француски карикатуристи, Волански, Кабу и Тињуз, а уште неколку други се тешко повредени и се во животна опасност. Меѓу загинатите е и новинарот на Франс Интер Бернар Мариз, специјализиран за економски прашања. Осум лица се ранети од кои четворица се во многу тешка состојба.

Вечерва низ цела Франција се одржуваат мирни протести за поддршка, во кои главната порака е „сите сме Шарли ебдо“.

Вечерва на Французите во 20 часот ќе им се обрати претседателот Франсоа Оланд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top