Тамара те поддржуваше уште од твоето пријавување на „Икс-фактор“, па до крај, а сега имате и новогодишен дует. Веројатно тоа некако природно ви дојде…
Кајмакоски: Да, Тамара ме поддржуваше од самиот почеток на „Икс-фактор“, а овој дует е како одбележување на поддршката, почитта и на пријателството кое се разви во изминатите месеци.
Имаше активен период, химната за СП во Катар, песната за новиот српски филм „Ќе бидеме светски прваци“, настап на новогодишната ноќ. Ќе одмориш ли за празниците, пред почетокот на подготовките за „Евровизија“?
Кајмакоски: Годината ја почнав со обврски. Подготовките за „Евровизија“ се дел од обврските и приоритет, но во меѓувреме ќе има уште новини од моја страна на кои работам во моментов.
Што значи Божик за тебе и за твоето семејство, како ги поминувате обично божикните празници?
Кајмакоски: Како и за сите, така и за мене и за моето семејство, Божик е празник кога сакаме целото семејство да се собере и да поминеме време заедно со вкусните јадења подготвени од мајка ми.
Со години живеете во Виена, ви остана ли традицијата на вртење лепче, барање на паричката?
Кајмакоски: Секако, секогаш го одбележуваме Божик со лепче со паричка и сето она што треба да го има подготвено на трпезата. Иако сме далеку од Македонија, приврзаници сме на обичаите.
Ги славиш ли и двата Божика?
Кајмакоски: Во Виена божикната атмосфера почнува уште на почетокот на декември кога градот и продавниците се украсуваат. Многу мои пријатели од Виена го слават католичкиот Божик и сум дел од нивната домашна атмосфера.
Каков е Божик во Виена?
Кајмакоски: Виена за време на божикните празници е магична, целосно украсена, со многу улични тезги, варено вино, музика и полно туристи. Препорачувам да се посети во тој период.
Без што не може да помине Божик за тебе?
Кајмакоски: Без најблиските и без лепче со паричка.
Пишува: Марина Костовска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


