Семејството на продуцентот и музички уредник на „Клаб ФМ“ и диџеј Џон Антонио е посебно богато бидејќи ужива во славењето и на католичкиот и на православниот Божик, на 25 декември и на 7 јануари. За сопругата Марина, ќерката Антоанета (10) и синот Марио (8) ова е најубавиот период од годината. Семејството се собира, се јаде убава и вкусна храна, се пеат божикни песни, се разменуваат подароци.
Семејството на Џон Антонио го посетивме на католичкиот Бадник, непосредно пред тие да заминат на свечената миса во Католичката црква во Скопје. Во топлиот и убаво украсен дом на семејството Џон уживавме во разговор во кој тие ни раскажаа за славењето на католичкиот и на православниот Божик, за обичаите, за храната која се служи на трпезата. Елката веќе беше накитена, а подароците за децата требаше да пристигнат следниот ден, на Божик.
– Ние сите сме родени во различни годишни времиња. Јас најмногу ја сакам зимата и уживам во китењето на новогодишната елка – вели Антонета, ученичка во шесто одделение во скопското училиште „Владо Тасевски“.
Таа ни ја кажа и новогодишната желба, од Дедо Мраз посакала паметен телефон. Марио, пак, посакал фудбалски дрес од голманот Ноер.
– На сите пријатели и другарки сакам да им го честитам православниот Божик, на 7 јануари, како што тие ми го честитаа мене католичкиот Божик – рече Антоанета.
Џон Антонио потекнува од мешан брак, неговиот татко припаѓа на римокатоличката вероисповед, а неговата мајка била православна христијанка.
– Како мал посетував веронаука, која ја организираше црквата. Таму децата се запознаваат со сите адети, празници, обичаи. Отсекогаш, живеејќи во оваа средина, на сите им биле чудни моето име и презиме, Џон Антонио. Јас сум Македонец. Моите поколенија, од страната на татко ми, живееле на овие простори од многу одамна. Куќата им била на местото на денешното училиште „Кочо Рацин“ и биле роднински поврзани со Мајка Тереза. Запознаен сум и со овие и со обичаите на православните. Нема голема разлика меѓу католичките и православните празнувања на Божик. Единствената суштествена разлика е само во календарот. За мене тоа е плус бидејќи на сите мои пријатели што ми го честитаат Божик на 25 декември, потоа јас им се јавувам на 7 јануари. Мојата сопруга е од православна вероисповед и тука има баланс. За празниците секогаш имаме каде да одиме, и кај моите и кај нејзините родители. Единствено Велигден на секои четири години се поклопува. Децата добиваат подароци за двата Божика – вели Антонио.
За Бадник, во Католичката црква во Скопје има свечена миса навечер кога се слави најголемиот христијански празник, раѓањето на Исус Христос.
– Тој ден се пости. Мајка ми, пред да заминеме на миса, правеше греана ракија, ориз, риба, посна храна. На мисата во црква е многу свечено, убаво. По мисата си честитаме Божик, и следниот ден се оди кај тој што го слави празникот – Исусовото раѓање. Се слави три дена, некои прават и лепче со паричка за Бадник, исто како и на православниот Божик. Единствената разлика е во тоа што во католичкиот Божик нема коледе. Татко ми сè уште е жив и ние со семејството и со сестра ми одиме на Божик кај него. Се надевам дека еден ден ќе го наследам и потоа за Божик кај нас ќе доаѓаат децата, роднини, пријатели… – објаснува Антонио.
На Антоанета најголем впечаток на божикната миса во црквата ѝ остава хорот кој пее. Острото око на Антоанета добро забележало.
– Кај православните поповите се со брада и се свртени со грб, а кај католиците свештеници немаат брада и се свртени кон луѓето. Највпечатливо на мисата за мене е Исусовата пештера. Има тројца кралеви кои во рацете носат подароци. Во пештерата е Марија, која го држи в раце Исус – раскажува Антоанета, која посетува часови по веронаука.
Католичката заедница во Македонија не е многу голема, има околу 20 илјади верници. И покрај тоа што е мала, многу е жива, активна и е вклучена во сите сегменти на животот.
– Библијата е иста, молитвите се исти, нема разлика. Разликата е во календарот и во обичаите. Секоја недела е убаво да се оди во црква, да се помолиш и да си ги кажеш гревовите. Ние тежнееме што помалку да грешиме за утре Исус бог да нè прими во рајот. И како што вели нашиот жупник, целта е да шириме љубов заради тоа што во овие моменти луѓето премногу се отуѓени од себе. Потребно е многу повеќе љубов. На злото треба да му се врати со љубов. Само добрината, како што нè учи Библијата, на крајот победува – вели Антонио.
Повеќе празници ни го збогатуваат семејниот живот, вели Марина.
– За православниот Божик одиме на гости кај моите родители. Потекнувам од старо скопско семејство и во Скопје на Бадник, односно на Коледе, се оди кај постарите во семејство. Паметам, додека беа живи моите баби и дедовци, одевме кај нив на гости. Се печеше леб со паричка, се јадеше посно. На Божик, денес, моите сакаат да приготват свинско месо, а кога одиме на Божик кај родителите на Џони, се јаде пилешко, мисирка, убави колачи – раскажува Марина.
Џон признава дека многу сака вакви празници.
На овие празници луѓето се посветуваат на семејството, многу е убава традицијата да си подаруваме нешто едни на други. На тој начин се зближуваме и се сакаме повеќе. Многу ни се потребни љубов, слога и разбирање. Љубовта е двигател на целото општество и на заедницата – завршува Антонио.
Пишува Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Божикната пиеса „Новиот цар“ од Томислав Османли објавена во пресрет на Божик
-
Подгответе се навреме: За Бадник и Божик треба да се врати се што е позајмено и да се смириме со сите со кои сме се расправале
-
Славењето Божик во Северна Кореја е опасно по живот
-
Како е украсен домот на Роналдо за Божик (фото)





