Додека Европската унија на чело со Германија стравува од можна победа на партијата СИРИЗА на Алексис Ципрас на претстојните парламентарни избори во Грција, единствено Македонија со симпатии гледа на неговото можно превземање на власта во Хеленската Република и тоа со право, тврди Золтан Ѓеваи од Брисел, кој анализира за европскиот интернет-портал “Бруксинфо” и важи за искусен аналитичар на состојбите во Европската унија.
Според него, тврдото позиционирање на Ципрас контра статус-кво состојбите, колку што ја плаши Унијата поради можен излез на Грција од еврозоната, толку може да ги радува и Македонците, бидејќи лидерот на крајната грчка левица е единствен политичар во оваа земја што ниту го создал, ниту кога-било учествувал во (не)решавање на спорот за името Македонија.
– Она што е интересно за Ципрас е дека на многу начини, тој е човек кој негира статус-кво ситуации. Кога станува збор за ЕУ, на европско ниво и целиот грчки економски проблем и дали Грција треба да остане во еврозоната или не, проблемот во очите на сите е големиот страв од Ципрас, бидејќи многу луѓе веруваат дека тој е против статус-кво позициите. Ако некој е против ова, може да биде опасно и да повлече опасни настани, предупредува на почетокот од разговорот со МИА, ЕУ-аналитичарот Ѓеваи.
Како што е познато, Ципрас и СИРИЗА, која според последните анкети во Грција за претстојните парламентарни избори што ќе се одржат на 25-ти овој месец, предизвика силна реакција од Европската унија и земјите-членки во однос на ставот на Ципрас да преговара за нови услови со меѓународните финансиери, па дури и да бара простување на заемот од речиси 400 милијарди евра. Можниот Грексит од еврозоната е закана и за пропаст на европската валута евро. Но, за ралзика од премиерот Андонис Самарас, лидерот на ПАСОК, Евангелос Венизелос, на поранешниот премиер Јоргос Папандреу, Ципрас е единствен што на ниту еден начин не влијаел на креирање на македонскиот проблем во Грција.
– Токму во тој поглед, можам да разберам дека и на поинаков начин може да се гледа на неговиот став контра статус-кво ситуациите. На пример, за Македонија и многу Македонци, статус-кво размислувањата во Грција се неприфатливи. Причината е што грчките мејнстрим-политичари не се многу загрижени, ниту им е гајле за прашањето за името. Тие прават се што можат да ги блокираат интеграциите на Македонија во Европската унија, па од оваа точка на гледање, предизвикувањето на статус-кво ситуацијата од страна на Ципрас би било добро за Македонија, анализира унгарскиот политолог и аналитичар.
– Се разбира, она што во неговиот случај е добро, можеби не е добро за Европа, но е добро за Македонија и можно е да се случи, додава Ѓеваи.
Според аналитичарот од Брисел, прашањето е што ќе се случи ако Ципрас победи и дојде на власт во Грција и дека тој не мисли дека ситуацијата не е така црно-бела за каква што се претставува. Ѓеваи верува дека на крајот на денот, реалноста превладува и дека тоа значи дури и во случајот со Ципрас, дека тој не би одел со глава в ѕид и дека тој ќе мора да прифати некои реалности ако ја превземе власта во Грција.
– Не верувам дека тоа што тој го говори во однос на предизборната кампања ќе го задржи и откако ќе дојде на власт. Не верувам дека ќе биде лесно за него да негира се што се случило претходно. Па и кога станува збор за македонското прашање, мислам дека е исто. Не сум сигурен дека кога ќе дојде на власт, Ципрас ќе биде слободен да стори што сака. Ќе мора да се позиционира себе си според грчкото јавно мислење, па дури е можно тоа од него да го побараат и мејнстрим-партиите во Грција. Затоа велам дека се нема да биде црно-бело и можеби не толку добро за Македонија, како што денеска очекуваат Македонците, реален е аналитичарот Ѓеваи.
Парламентарните избори во Грција се закажани за 25-ти овој месец и на нив, според последните анкети, се очекува победа на СИРИЗА, што влева страв во ЕУ поради заканите на лидерот на оваа партија дека како премиер ќе бара простување на заемите или нов договор со меѓународните кредитори со цел да запрат мерките на штедење во Хеленската република.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


