Борче Грозданов, долгогодишниот новинар, познавач на театарската дејност, театарски критичар и автор на повеќе авторски дела, во 2014 година ја доби наградата „Мито-Хаџивасилев-Јасмин“ за публицистика и за новинарство. Повод за овој разговор е наградата, но и 20-годишното новинарско искуство зад него, згодите и незгодите, поради напишаните критики…
Годинава ја доби наградата „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ за публицистика и новинарство за книгата „На(д) сцената 2“. Станува збор за избор рецензии објавени во весникот „Вечер“ од 2004 година до 2014 година. Што претставува за тебе признанието со оглед на тоа што си долгогодишен новинар, особено успешен во театарската критика?
– Морам да признаам дека ни на крајот од умот не ми беше дека би можел да конкурирам за едно вакво престижно признание, а не, пак, да дојдам во ситуација да го имам, да ми падне в раце. Но, ете некако срамежливо, по убедување на некои од колегите и мојата сопруга Катерина, се решив на овој чекор и не само што не зажалив, ами сум и пресреќен. Сега, кога овој сон, односно повеќе од сон, се оствари, размислувам дека, можеби, е и заслужено. Пред сѐ, поради двете децении макотрпна работа и многуте рала чевли искинати по театарските патишта низ цела Македонија, па и пошироко.
Потврда за заслугата е и резултатот – наградата ја добив од колегите, и тоа едногласно. Иако мојата, нашата работа е индивидуална, морам да им се заблагодарам на сите поклоници на Талија и на театарот од тие на и зад и пред сцената, а најмногу на мојот „Вечер“ што ми овозможи, преку мојата мисла, став и чувство, да го оформувам и мислењето на театарската публика…
Најгорд сум на реченицата – прво читам твоја критика, па одам да ја гледам претставата –што, за моја среќа, сум ја чул повеќепати и тоа од луѓе на кои театарот им е битен сегмент од животот.
Пишуваш текстови за театарот, театарски рецензии, критики… веќе 20 години. Колку вакви дела, монографии, избор од рецензии и така натаму, си објавил досега?
– Поточно веќе се стори и 21 година… Од мојата прва критика во „Дело“, па преку „Разгледи“, во „Екран“ и „Пулс“, па сѐ до „Вечер“ со кој си останавме верни до крај…
Што се однесува до моите публицистички изданија, ги имам уште и „Чекори по ѕвездените штици“, монографија по повод 50-годишнината на НТ „Антон Панов“ од Струмица (1999 год.), каде што сум коавтор со уште тројца автори, па „На(д) сцената“, збирка со критики од моите први 10 години, компактен диск што го издадов сам, односно приватно, прв од ваков вид во државава (2004 год.), на кој како логичен редослед дојде и „На(д) сцената 2“, издадена годинава, а тука е и „Мите – сцена,живот“, монографија – животопис, посветен(а) на актерот Мите Грозданов, татко ми. Имам и три збирки поезија, една драма, неколку адаптации во монодрамска форма… Искрено, се надевам, нема да застанам тука… Во план ми е и збирка раскази во која, во еден поголем дел, ќе има и раскажани случки токму од театарските патешествија, бањски случувања, кафеански анегдоти, како неодминлив дел од новинарскиот живот, и многу, ама, навистина, многу Љубов… Но, да не откривам сѐ, се надевам, многу наскоро ќе можете да откриете и да се забавувате, замислите, кога и самите ќе ја имате книгата в раце… а кога точно, ќе бидете благовремено известени!
Критиката не се прифаќа секогаш на вистинскиот начин. Си имал ли некакви непријатности поради напишан текст или критика?
– Никој од нас не прифаќа критика, без разлика дали на неа во моментот реагира мирно, без коментар или со одобрување, или, пак, реакцијата ќе биде со негодување, бурна до расправија или дури и со потсмев… Убеден сум во тоа!
Па зошто тогаш луѓето од театарската фела би биле исклучок од правилото?!
Од овој аспект, здобивајќи го и сопственото искуство, научив дека не треба да им се лутам на театарските луѓе, колку и да ме повредуваат во моментот, се разбира, избегнувајќи ги или аморизирајќи ги, колку што можам, вербалните удари… Велат, а и точно е, тоа е само плод на суетата… Но, од друга страна, театарот без суетата не би бил врвна уметност, каква што знае да биде, каква што треба да биде.
Да бидам искрен до крај, имало и конфликтни ситуации (за среќа, навистина, малку), што сум ги поднел повеќе или помалку стоички, односно и јас сум знаел да се налутам…
А, на крајот од краиштата, сите ние сме само луѓе, зар не?!
Во последно време сѐ повеќе новинари се јавуваат како автори на романи, монографии, поезија… Еден од нив си и ти, но како е кога се наоѓаш од другата страна, па сега твоето дело го оценуваат публиката, критичарите…?
– Секој тој што во својот дел од творештвото преку медиумите не се доискажал, пред сѐ, во емотивна, интимна, творечка смисла, треба и мора да најде модус да се искаже до крај… Веројатно, оттаму и мојата мотивација, а и мотивацијата на другите наши колеги што го прават тоа, без однос кон тоа (барем за мене важи) кој, што, зошто и колку ќе го оцени тоа како лошо, многу лошо, катастрофално, добро, многу добро, па и врвно… Важна е само насушната потреба за (до)искажување, за (до)исполнување…
Впрочем, за тоа и се занимаваме, а и го љубиме зборот…
Разговараше: Невена Поповска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.