Грчкиот ултралевичарски екстремист Христодулос Ксирос кој во саботата беше повторно уапсен, планирал извршување терористички напади во Грција, пишуваат европските медиуми, повикувајќи се на изјави на грчките полициски и безбедносни власти.
Ксирос (56) кој пред една година побегна од затворот Коридалос, во Атина, беше пронајден и фатен во Анависос. При претресот на неговата куќа, полицијата открила оружје и муниција, како и планови и скици за оружени напади, меѓу кои и на затворот од каде побегна, за да ги ослободи затворениците.
Претставник на безбедносните власти рекол дека се пронајдени осум автоматски пушки „Калашњиков“ гранати, три пиштоли, пригушувачи, како и муниција за оружјето и експлозив.
– Откриените планови потврдуваат дека намерата на Ксирос била да изведува вооружени напади, па неговото фаќање претставува голем успех за грчките безбедносни сили – изјавил овој претставник.
Христодулос Ксирос е поранешен долгогодишен припадник на екстремистичката организација „17 Ноември“ која оперираше во Грција во седумдесетите години на 20 век.
Во текот на 30-годишното дејствување, секогаш врз ултралевичарски идеолошки позиции, но користејќи се со насилство и со изведување терористички напади, оваа организација изведе на десетици насилнички напади и атентати врз странци и странски дипломати во Атина и Грција, како и врз грчки политичари и угледни бизнисмени. Вкупно 23 лица беа убиени во нападите на „17 Ноември“.
На судењето, што се одржа во 2003 година, Ксирос беше осуден на неколку доживотни казни затвор за својата поврзаност со организацијата што во Грција и во Европа се третираше како терористичка.
Додека беше во бегство, Ксирос учествуваше во видео снимка на која остро ја осудува политиката на штедење и скратување на јавните трошоци,за кои тој вели дека се наметнати од странство.Во оваа видео изјава,тој се закануваше со вооружени напади,како одговор на „наметнатите“ мерки за кратење на буџетот.
Неговото повторно затворање доаѓа на три недели пред вонредните парламентарни избори,на кои за прв пат предност кај гласачите има крајнолевичарската партија Сириза,најостриот противник на острите мерки за штедење.Лидерот на партијата,Алексис Ципрас најавува дека ако победи ќе ги укине острите мерки кои го ограничуваат буџетското трошење и ќе побара отпис на големиот грчки долг.
Во ЕУ, на изборите во Грција се гледа како на нова политичка криза во земјата,а европските експерти веќе се пресметуваат колку еврозоната ќе ја чини грчкото излегување од Европската монетрана унија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Расистички скандал во Грција: Коментатор нарече црномурест играч „мајмун“
-
Објавена снимка од нападот во метрото, терористот се разнесува со бомба (видео)
-
Нова демократија: Владата се наоѓа во распаѓање поради Договорот од Преспа
-
Воружен инцидент на границата со Грција: Војници на АРМ отвориле оган во обид да спречат поголема група мигранти да влезат на македонска територија!