Вевчани се подготвува за традиционалниот карневал за доаѓањето на Новата година според стариот календар, кој со богата програма ќе трае од 9-ти до 14 јануари.
Ви тие денови ќе има промоции, перформанси, настап на КУД „Дримкол“ и концерти на музички групи, а централен настан е традиционалната карневалска поворка која ќе заврши со палење на маските на 14 јануари, кога завршува и Вевчанскиот карневал.
Главната музичка програма ќе се одржи на 12-ти и 13 јануари. На 12 јануари ќе настапи македонскиот бенд „Суперхикс“, а од регионот ѕвезда на годинашната манифестација е хрватскиот бенд „Прљаво казалиште“, кој во Вевчани ќе ги отпее своите најпознати хитови од 18 студиски изданија.
Музичката програма на 13 јануари ќе ја предводи етногрупата „Љубојна“ со Вера Милошевска-Јосифовска и Оливер Јосифовски, а гостите на Вевчански карневал таа вечер ќе ги забавува и фолк-пејачката Елена Велевска. Старата нова година – Василица ќе биде пречекана со голем огномет.
Вевчанскиот е меѓу најпознатите карневали на Балканот кој се негува повеќе од 1400 години. Во деновите кога се слави доаѓањето на Старата нова година, Вевчани се претвора во голема отворена сцена, а настанот секоја година дневно го посетуваат повеќе од 50.000 гости од Македонија и од странство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.