| четврток, 6 декември 2018 |

Најмалку седум лица загинаа во самоубиствен напад во Могадишу

­ Најмалку седум лица загинаа, а голем број се повредени во самоубиствен бомбашки напад извршен од исламистите на групата „Ал Шабаб“ во сомалискиот главен град Могадишу.

Податоците за бројот на жртвите се различни. Според некои западни медиуми, кои се повикуваат на полицијата, загинале најмалку четири луѓе. Напаѓачот удрил со автомобилот­бомба во воен конвој во близина на меѓународниот аеродром во Могадишу, изјавил еден офицер од сомалиското разузнавање.

Во експлозијата биле уништени две оклопни возила на сомалиските безбедносни сили. Повеќето од жртвите се цивили, кои минувале покрај патот.

Високиот член на „Ал Шабаб“, шеик Мохамед Абду Абдала изјави дека групата ја презема одговорноста за нападот.

Подрачјето на аеродромот е главна база за вооружените сили на Сомалија, а тука се наоѓаат и неколку странски амбасади, како и силите на Африканската унија кои се борат против екстремистите на групата „Ал Шабаб“, која е поврзана со Ал Каеда. Аеродромот во Могадишу честопати бил мета на екстремистички напади.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top