Шефот на мисијата на ОН за борба против еболата Ентони Бенбери, кој заминува од оваа функција, изјави дека најлошата досега епидемија на оваа болест би можела да заврши оваа година.
Бенбери, во последното обраќање до јавноста, нагласи дека кризата е далеку од крајот, но истовремено изрази оптимизам и верување дека е можно да се оствари целта да нема нови случаи на зараза со смртоносниот вирус, јавува Гласот на Америка.
Зборувајќи во главниот град на Гана, Акра, Бенбери го истакна значителниот напредок остварен во борбата против смртоносниот вирус, од септември, кога ја зазеде оваа функција, но додаде дека кризата е далеку од крајот и нагласи дека единствен прифатлив исход е веќе да нема нови случаи на ебола.
Бенбери потсети дека кога почна мисијата на ОН минатата година, проценките биле дека до почетокот на 2015 година ќе има до 1,4 милиони заразени, но бројот на инфицирани, според последните податоци на Светската здравствена организација има нешто над 20 илјади, од кои околу 8.000 починале од смртоносниот вирус.
Наместо Бенбери, функцијата шеф на мисијата на ОН за борба против еболата ќе ја извршува ветеранот во хуманитарните акции на Светската организација Исмаил Улд Шеик Ахмед од Мавританија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.