Германската Влада го промени ставот околу излегувањето на Грција од еврозоната, кој претходно беше негативен, пишува германски „Шпигел“.
Повикувајќи се на свои извори во Владата, весникот објави дека канцеларот Ангела Меркел и министерот за финансии Волфганг Шојбле сега сметаат дека еврозоната може да се справи со евентуалното излегување на Грција од монетарниот сојуз.
Причина за промена на ставот е дека по најтешкиот период од монетарно-финансиската криза во 2012 година, еврозоната постигнала суштински успеси. – Опасноста од проширување на кризата е ограничена, затоа што се смета дека Португалија и Ирска веќе се опоравени – вели извор за весникот, пренесува БТА. Освен тоа, Европскиот механизам за финансиско стабилизирање е ефикасен механизам и веќе е во употреба.
Не е јасно како членка на еврозоната би можела да излезе од неа и да продолжи да биде дел од Европската унија, но „Шпигел“ цитира високопозициониран монетарен експерт кој вели дека правниците би можеле да го појаснат тоа прашање.
Германскиот весник оценува дека излегувањето на Грција од еврозоната е речиси неизбежно доколку лево-ориентираната опозициска партија СИРИЗА, предводена од Алексис Ципрас, победи на изборите на 25 јануари.
Анкетите покажуваат дека СИРИЗА има предност пред конзервативната Нова демократија на Андонис Самарас, иако таа е намалена на 3,1 процент. Според анкетата за весникот „Елефтерос типос“, спроведена на 29 и 30 декември, откако Самарас не успеа да го убеди парламентот да го избере неговиот кандидат за шеф на државата, поддршката за СИРИЗА изнесува 30,4 отсто, а за Нова Демократија 27,3 отсто. Минатиот месец СИРИЗА имаше предност од 3,4 отсто.
Според истата анкета, 74,2 отсто од анкетираните сметаат дека земјата треба „по секоја цена“ да остане во еврозоната, а 24,1 процент се со спротивно мислење.
Анкетата е спроведена на статистички примерок од 1002 лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Расистички скандал во Грција: Коментатор нарече црномурест играч „мајмун“
-
Нова демократија: Владата се наоѓа во распаѓање поради Договорот од Преспа
-
Воружен инцидент на границата со Грција: Војници на АРМ отвориле оган во обид да спречат поголема група мигранти да влезат на македонска територија!
-
УНХЦР: Расте бројот на мигранти и бегалци кои од Турција доаѓаат во Грција