Изминатава година македонските уметници забележаа значајни успеси во земјава и во странство. Се одиграа многубројни претстави на сцените на македонските театри, Велешкиот театар доби нов објект, музичарите концертираа со реномирани диригенти и солисти од странство, се отвори Археолошкиот музеј во Скопје, но и Златната соба во куќата на Робевци во Охрид, академскиот сликар Глигор Чемерски беше примен во Руската академија на науките и уметностите, атрактивното оро „Копачка“ УНЕСКО го зеде под своја закрила.
Познатиот „Глоуб театар“ беше гостин во Скопје и во Битола, во рамки на светската турнеја по повод 450 години од раѓањето на Вилијам Шекспир.Шекспировиот „Хамлет” во режија на Доминик Дромгул ина Бил Бакхарст се одигра во МНТ и во Хераклеја. Македонија беше една од 205 земји низ светот, кадешто во период од 23 април 2014 година до 23 април 2016 година, кога се навршуваат четири века од смртта на Шекспир, се одигра претставата.
Во март 2014 година академскиот сликар Глигор Чемерски беше примен во Руската академија на науките и на уметностите. Високата почест за Чемерски стигна една година откако тој стана член на МАНУ. Името наЧемерски се наоѓа на официјалната листа на т.н. Империјална академија, создадена од Катерина Велика во 1757 година во Москва. Руската академија на уметностите има свои разграноци низ целата земја, илјадници членови, а на четиригодини прима само по тројца-четворица нови членови, од кои еден е Русин.
Есента 2014 година, по повеќе од 30 години, Република Македонија доби најсовремен музејски простор за соодветно чување и презентација на богатото подвижнокултурно наследство, кое е потврда на милениумскиот цивилизациски континуитет на нашите простори.Највредните примероци на македонското културно наследство се претставени во новиот, претставителенобјект на Археолошкиот музеј на Македонија. На три ката и површина од 6.000 квадратни метри,пред јавноста се изложени повеќе од 6.000 артефакти од сите историски периоди, почнувајќи од праисторијата, па до средниот век. Ексклузивно, пред јавноста е изложен значаен дел од артефактите, меѓу кои: рановизантиските оригинални мозаици од локалитетот Суводол, копијата од саркофагот на Александар Македонски, штитот од 3 век пр.н.е. од локалитетот Бонче, реконструкцијата на римската кочија од втор век од Делчево, како и стаклената чаша дијатрета од 4 век.
Годинашново „Охридско лето“, пак, помина во знакот на настапот на Македонската филхармонија и на детроитскиот диџеј Дерик Меј во Античкиот театар. Публиката уживаше во оваа своевидна комбинација на музиката на Дерик Меј, човекот што е долгогодишен пријател на Македонија. За оркестарските аранжмани на музиката на Меј беше задолжен македонскиот музички уметник Емин Џијан, а оркестарот беше збогатен и со магичниот звук на пијано, во изведба на нашата афирмирана пијанистка Емилија Потевска.
Златните археолошки предмети од Македонија беа изложени во Германија на изложбата под наслов „Златните лица на македонските кралеви – Македонците и Kелтите од охридскиот регион – судир на културите“. За време на археолошките ископувања во некрополата на античкиот Лихнидос, во денешен Охрид, македонскиот археолог Паско Kузман во 2002 година откри гроб од крајот на архајското време до почетокот на класичниот период (крајот на 6 и почетокот на 5 век пред новата ера). Во кралската гробница не бил вклучен само скапоцени накит, туку маска за лице и прстен на раката од лист злато и сребрени сандали. Заедно со богатството на Тремник од хеленистичкиот период, тие претставуваат најскапоценотоархеолошко богатство на Република Македонија. Ова богатство првпат беше претставено надвор од Македонија. Од збирката на Охридскиот завод и музеј беа изложени педесетина предмети.
Предметите од најскапоцената музејска поставка пред македонската публика се изложени во Златната соба во куќата на Робевци во Охрид. Станува збор за Златната соба во која е изложен целиот златен накит и златната маска, како и други предмети од злато, кои беа пронајдени при ископувањата во охридскиот регион. Истакнати се повеќе од 400 експонати од злато, во витрина што ќе се врти.
Годинава, на штипскиот обичај „Четр’се“ во листата за заштита на нематеријално културно наследство на УНЕСКО, му се придружи и најавтентичното делчевско оро „Копачка“. Одлуката на комитетот составен од 24 земји од светот беше донесена во Париз. Драмчанското машко соборско оро „Копачка“ автентично го чува фолклорната група од Драмче,која 66 години ја раскажува приказната восветот.„Копачка“го презентира пијанечкиот фолклор, а етномузиколозите орото, кое има трудов карактер, го нарекуваат и тапанџиска симфонија.
Од другите настани што беа забележани од јавноста беше и поставувањето на „Електра“сцената на МНТ, во режија на Андриј Жолдак -еден од најголемите режисери на денешнината во Европа. Тој е добитник на наградата „Уметник на УНЕСКО“ во 2004 година, а годинава се закити и со највисокото признание од областа на театарот во Русија, наградата „Златна маска“ за режија.
Во Филхармонија, пак, во чест на одбележување на јубилејот, гостуваше Борис Березовски. Концертот беше централниот настан со кој сезаокружи прославата на 70 години од основањето на најстарата национална музичка институција во земјава. Виртуозот на пијаното, Русинот Борис Березовски, критиката го смета заеден од најмоќните пијанисти на денешнината.
Пишува: Невена Поповска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.