| четврток, 6 декември 2018 |

Абу Анас-ал Либи, еден од највлијателните челници на Ал Каеда умре во Њујорк

Во болница во Њујорк починал заробениот од страна на американските специјалци во 2013 година во Либија, Абу Анас ал-Либи, кого САД го сметаат за еден од највлијателните челници на глобалната терористичка мрежа Ал Каеда, и се смета за организатор на терористичките напади врз американските амбасади во Кенија и Танзанија во 1998 година.

САД повеќе од десет години трагаа по терористот познат како Абу Анас ал-Либи, чие вистинско име е Назих Абд ал-Хамид ар-Рухаи, и притоа распишаа награда од 5 милиони долари за информации кои ќе доведат до негово апсење. Ал-Либи беше уапсен од припадниците на американските специјални сили во либанската престолнина Триполи, во октомври 2013 година. Истиот месец беше изведен пред судот во Њујорк.

Се верува дека тој бил член на Ал Каеда најмалку од 1994 година и бил близок пријател на основачот и идеологот на терористичката организација Осама бин Ладен кој беше ликвидиран од страна на американските маринци во операција на 2-ри мај 2011 година во пакистанскиот град Аботебад. Се претпоставува и дека ал-Либи, заедно со Саудиецот Калид ал-Фаваз, е еден од организаторите на нападите врз амбасадите на САД во Кенија и Танзанија во 1998 година, во коишто загинаа вкупно 12 Американци и 212 Кенијци.

Според американската телевизиска мрежа NBC, којашто се повикува на неименувани извори запознаени со судскиот процес, ал-Либи починал во саботата во болница во Њујорк, веројатно од заболување на црниот дроб предизвикано од хепатит Ц. Претходно неговиот адвокат Бернард Клејнман, изјави дека здравјето на неговиот клиент е влошено последната година. Сепак, новинарите на NBC не успеале да контактираат со адвокатот и да ги дознаат поединостите за смртта на ал-Либи.

Претходно беше објавено дека владата на Либија ги плаќа услугите на адвокатот пред судот во Њујорк во интерес на ал-Либи. Либиските власти, исто така, го осудија неговото апсење на, истакнувајќи дека за специјалната операција којашто ја извеле припадници на американската војска, не бил известен официјален Триполи, што претставува грубо нарушување на суверенитетот на земјата.

Официјалното обвинение против ал-Либи обвинителството на округот Њујорк го подигна во негово отсуство, а тој, како и ал-Фаваз, ги отфрлаше сите обвиненија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top