Првиот концерт на Македонската филхармонија во новата 2015 година е „Божикен концерт“, кој ќе се одржи на 7 јануари во Македонскиот народен театар во 12 часот. Концертот, како што кажува и насловот, го слави најголемиот христијански празник Божик, а ќе донесе програма со духовна содржина посветена на Христовото раѓање.
На репертоарот се прекрасните композиции од Јохан Себастијан Бах – „Синфониа“ од „Божикниот ораториум“ и неговата позната Оркестарска свита бр.3, како и „Божикниот концерт“ на Корели. Публиката ќе има можност да ги слушне и ариите „Омбра маи фу“ од операта „Ксеркс“ на Хендл, „Аве верум корпус“ и Концертната арија „Вадо ма дове“ од Моцарт, како и неговата „Лаудате доминум“, која ќе ја доживее првата изведба во Македонија.
Како солист ќе настапи нашата млада, но веќе афирмирана оперска певица, сопранот Сандра Митровска. Концертот ќе го диригира маестро Борјан Цанев. Специјални гости пак, се децата од хорот „Пиколо“ од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, кои под уметничко раководство на Весна Димчевска, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја изведат „Аве Марија“ од Качини.
Македонската филхармонија концертната сезона во новата година ја продолжува на 22 јануари, кога со оркестарот ќе настапи врвната виолинистка од Јапонија, Акико Суванаи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.