Тоа што Владата ги усвои барањата на бизнис заедницата за задолжителната задолжница е одлично решение и пример за јавно-приватен дијалог меѓу државата и компаниите, вели претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески.
Според Азески, многу е битно и тоа што зад предлогот да не се воведува ваквата мерка застанаа сите комори. Тоа покажува дека проблемите се еднакви за сите, без разлика какво е организирањето.
– Во случајов се битни две работи. Првата, дека ова е прав пример за јавно-приватен дијалог, и втората, дека целата бизнис заедница, сите комори, застанаа зад предлогот и ги бранеа аргументите пред Владата што е добар патоказ како треба да продолжиме, изјави Азески.
Претседателот на Стопанската комора потенцира дека за сите решенија, јавно-приватниот дијалог мора да се искачи на највисокиот пиедестал.
– Врз основа на нашите анализи кај компаниите се констатира дека задолжителната задолжница би предизвикала големи потешкотии и од технички и од аспект на нејзиното спроведување. Затоа почнавме разговори со Владата кои успешно завршија и тоа е најдоброто решение зашто Законот за финансиска дисциплина го апсолвираше тоа прашање, нагласи Азески.
Стопанската комора на секои шест месеци ќе прави анализи кај компаниите за да увиди како се одразува Законот за финансиска дисциплина врз нивното работење и дали евентуално ќе предизвика какви било проблеми.
– Сметаме дека функционирањето на тој закон е многу значајно како што беше решението за данокот на додадена вредност пред 10 – 15 години. Затоа е неопходно да се прават анализи. Првата не покажа сериозни проблеми, но повторно ќе направиме во јуни годинава за да видиме како се одвиваат работите, рече претседателот на Стопанската комора.
Одлуката на Владата да им излезе во пресрет на компаниите ја поздравува и Сојузот на стопанските комори (ССК).
– До Владата доставивме аргументирано барање задолжницата како механизам за обезбедување на побарувањата на доверителите да биде доброволна, а не задолжителна. Задоволни сме што на нашето барање позитивно беше одговорено и задолжницата ќе се издава само на барање на доверителот, вели претседателот на ССК Данела Арсовска.
И таа смета дека ефикасноста на наплатата е осигурана со примената на Законот за финансиска дисциплина кој се донесе во меѓувреме.
Задолжницата првпат беше воведена пред две години на барање на стопанствениците. За нив овој инструмент останува добар начин на наплата, само ако се применува на доброволна, а не на задолжителна основа за да не се изложат фирмите на дополнителни трошоци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.