| четврток, 6 декември 2018 |

Задолжницата да важи за сите субјекти, бараат правниците

задолжница

Инструмент како задолжителната задолжница не е соодветно да се внесува или ако се внесува, треба да важи за сите субјекти, смета Здружението на правници на Македонија.

Како што изјави денеска професорот Тито Беличанец, претседател на Здружението, надлежните имаат уште три месеци да ги земат предвид укажувањата на стопанските комори, кои инсистираат задолжницата да се дефинира како необврзан облик на уредување на должнико-доверителските односи што е вообичаено за секоја пазарна економија.

– Се знае, најголем стопанственик во Македонија е државата. Според тоа, голем број приватни фирми кои учествуваат особено во јавните набавки, најмногу проблеми околу должничко-доверителските односи имаат со наплатата од јавно-правните субјекти кои се финансираат од Буџетот или други извори – рече Беличанец пред почетокот советувањето „Претпоставки за ефективна примена на Законот за задолжница и Законот за финансиска дисциплина, за ефективно оданочување на авторските договори, договорите за вршење на повремени работи, за оданочување на добивка“.

И Уставниот суд, додаде Беличанец, ќе ја разгледа иницијатвата за нееднаков третман на учесниците на пазарот со пропишување обврски само на приватниот сектор. Според него, многу мал дел од барањата на правниците е имплементиран во новото решение.

Во врска со законските измени за плаќање придонеси на хонорари и авторски договори кои треба да стапат во сила од 1 јануари, Беличанец рече дека со таа мерка, според него, се урива концептот на Законот за работни односи и за работа на определено време, а се промовира институт „хонорарна работа“ кој не е правен.

– Претпоставувам дека намерата е, лицата кои ќе плаќаат придонес на авторски дела да бидат симнати од евиденцијата за вработување и да се промовира пара-работен однос кој по законот за работни односи не може да биде работен однос – објасни Беличанец.

Негова оценка е дека проблемите во праксата кога авторскиот договор и договорот за дело се злоупотребува при подолготрајна работа на некои лица во одредени инстутуции, е друго прашање и треба системски да се реши.

За висината на казните Беличанец рече дека тие не отстапуваат од досега пропишаните кои, како што вели, се енормно високи. – И со помали казни, преку дополнителна контрола или автоматизирано, електронско следење, може да се постигнат исти ефекти. Вака, само се уништуваат одредени бизниси – смета Беличанец

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top