Еден од контекстите на посетата на високиот руски црковен достоинственик треба да се бара во обидот на Руската црква да ја потврди уште еднаш својата сѐ посилна позиција во православието. Иако е на петто место по ранг во диптихот на православните цркви, црквата што ја води патријархот московски и патријарх на цела Русија, г.г. Кирил, не се согласува да има помало влијание и моќ од четирите цркви од таканаречениот грчки блок цркви, кои, иако раководат многу помал број верници и владици, сѐ уште го имаат формалниот примат во православието.
Познавачи на проблематиката во земјава, но и во Србија и во Русија, велат дека покрај искрената желба да се помогне во надминување на спорот меѓу МПЦ и СПЦ, во посредувањето на епископот Иларион има и црковно-стратегиски цели, кои имаат за цел на цариградскиот патријарх да му кажат кој е кој во православието овие денови.
Објективно, проблемот со поранешниот владика на МПЦ-ОА Јован Вранишковски е и проблем за православието од неколку причини, но ни од далеку не е толку голем проблем колку што е судирот меѓу Руската црква и Цариградската црква. Евентуално решение на проблемот со Јован ќе значи дека и за време на подготовките и за време на одржувањето на следниот вселенски собор, кој треба да се одржи во Истанбул во 2016 година, рускиот патријарх ќе има в џеб уште еден аргумент зошто не би требало да биде со понизок ранг од Вартоломеј. Доколку најновата руска црковна офанзива успее, Кирил ќе може да се пофали дека цариградскиот патријарх, инаку Влав по националност, нема потенцијал да ја води православната заедница на глобален план.
Дел од каменот на сопнување за време на подготовките што Меѓуправославната подготвителна комисија ги почна во септември оваа година, а кои ќе траат до Велигден в година, е дали до Вартоломеј од лева и од десна страна ќе седат лидерите на автокефалните цркви според рангот во диптихот или, пак, од десна страна ќе седи Кирил, што пластично може да покаже за каков конфликт се работи.
Друг многу посериозен проблем од редоследот за седење е сегашното решение според кое на соборот нема да учествуваат сите епископи на сите автокефални цркви туку само по одреден број претставници на секоја црква затоа што тоа може да влијае на донесувањето на одлуките на соборот. Ако, на пример, се дозволи учество на сите владици, тогаш руската црква, која има повеќе од 300 епископи, ќе има апсолутно мнозинство на соборот и ќе може да ги диктира одлуките. Патријархот Кирил не се согласува и неговата и другите цркви да имаат еднаков број претставници. Нивниот број од почетните 13 сега е зголемен на 20 владици од секоја црква, но тоа не е прифатливо за Москва. Исто како што Вартоломеј не се согласува со масовно присуство на руски владици, кои ќе гласаат како што ќе посочи Кирил.
Официјално, за овој судир, како што прилега на сериозни институции, никој не говори јавно. Сите формално се залагаат за единство преку комуникација и соработка, како и за принципот на соборност што, ако е сѐ во ред, воопшто не треба да се нагласи во соопштенијата за јавноста.
Ослободувањето на Јован е добар потег, но, најверојатно, задоцнет
Познавачите се уверени дека дури и доколку Јован биде помилуван за Божик, дури и ако во рок од неколку недели биде обновен дијалогот на релација Скопје – Белград, не постои реална шанса македонската афтокефалност да биде една од темите на осмиот вселенски собор, кој, ако сѐ биде во ред и ако се надминат разликите во главните православни центри, ќе се случи во пролетта 2016 година. Каков ќе биде статусот на МПЦ-ОА во Истанбул ќе се знае прецизно веќе во мај оваа година, кога треба да почне со работа сеправославното претсоборно советување. Тоа, практично, значи дека владиците на светиот синод на СПЦ и на МПЦ-ОА имаат помалку од половина година да најдат решение за конфликтот. Тоа за што не е потребна никаква неофицијална или формална потврда е напорот на грчкиот блок цркви, по налог на владата во Атина, да го блокира секој разговор за автокефалност на Македонската православна црква. Имајќи предвид каква е позицијата на СПЦ во последните неколку децении, постои голема веројатност да се оствари ова сценарио.
Лажен вселенски собор
Дел од српските медиуми веднаш по објавувањето на датумот за следниот вселенски собор најавија дека се работи за лажен собор, кој место да го обедини ќе внесе раскол во православието. Некои црковни достоинственици, се согласуваат дека православието се наоѓа во сериозна криза и судир и дека тие ќе кулминираат на следниот собор, кој треба да се одржи во црквата „Света Ирина“ во Истанбул, местото каде што во 381 година е одржан вториот вселенски собор. Стравот од нови поделби во православието го нагласуваат црковните лица што имаат проблем со приближувањето на православните лидери со поглаварот на католичката црква Франциск, а некои се плашат и од предвидените новини со кои може да се нарушат црковните догми.
Камен на сопнување се и неколкуте неофицијални барања за кои зборуваат во синодот на СПЦ, а кои се однесуваат на статусот на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан и иднината на Вранишковски. Српски извори велат дека црковниот процес против лидерот на македонската црква не може да запре дури ни со итно ослободување на Вранишковски и дека сѐ додека е тој поглавар нема да се најде решение за црковниот спор. Ова барање, кое е можно да е само преговарачка позиција, е придружено со уште две побизарни барања од првото, кои имаат за цел да предизвикаат раскол и турбуленции во МПЦ. Во Белград очекуваат Стефан да биде наследен од некои од потписниците на Нишкиот договор за да може да има континуитет во разговорите и на крај МПЦ-ОА да обезбеди непречена работа на српскиот егзарх Јован на македонска територија, при што во овој контекст се споменуваат и имоти на МПЦ-ОА што би требало да им бидат дадени на користење на Вранишковски и на неговите следбеници. Со оглед на тоа што сите овие барања се граничат со лудост, речиси е сигурно дека ако СПЦ инсистира на нив воопшто нема да дојде до обновени разговори меѓу двете цркви.
Со тоа МПЦ-ОА ќе биде ставена во неизвесна позиција и истовремено ќе биде исполнето барањето на грчките цркви да се блокира.
Во моментов само Руската црква може да даде гаранции дека нема да се случи тоа. Таа, пак, во обид да ги усогласи православните цркви, искрено сака и Македонската црква да стане формален дел од православната екумена. Никој не знае што точно ветил и предложил рускиот претставник во Скопје, но сигурно е дека во Скопје не дошол само со општи барања, туку со прецизен план како да се излезе од кашата наречена Јован Вранишковски.
Зошто Македонската православна црква мораше да чека да дојде руски специјален пратеник за да побара ослободување на поранешниот владика, сега не е ни важно. Особено ако Иларион дошол со план што нуди надеж дека наскоро може да има решение. Во секој случај, доживотно избраните владици и поглавар на МПЦ-ОА ќе мораат да живеат со грижа на совест што досега христијански не побараа ослободување на човек што, без разлика дали се декларира како Србин, дали украл 100 или 200 илјади евра, дали директно или индиректно работи за центри што сакаат разнебитување на Македонската црква и нација, сепак е пречка за надминување на состојбата во која се наоѓа МПЦ-ОА и на меѓународен и на внатрешен морален духовен план.
Пишува: Горан Момироски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Постигнат договор за раздвојување на Грчката православна црква од државата
-
Зошто палиме свеќа во црква и што значи тоа: Следниот пат сетете се на ова…
-
Ценовник од македонска црква предизвика лавина од негативни коментари
-
На овој голем празник сите верници доаѓаат во црквата полна со змии за да седат на нив