Во театарот „Акцент“ во Виена вчера беше изведена претставата „Одисеј“ на Горан Стефановски, во режија на Александар Поповски.
– Стефановски алудира на Хомеровиот еп, но тој е само искористен за приказ на распаѓањето на поранешната татковина на авторот. Обидот на Одисеј да се врати дома, да не остане да талка во туѓина, претставува негово ново спознавање на значењето на семејните врски, лојалноста и достоинството. Стефановски го разобличува начинот на создавање преданија и митови, кои ја искривуваат реалноста, така што на крајот ниту „боговите“ не знаат што било вистина, а што мит. Нарачаниот текст е претворен во претстава од Алексанар Поповски, режисерот – театарски волшебник, пишува хрватскиот „Вечерњи лист“.
Во улога на Одисеј, прикажан како негативец, настапи Озрен Грабариќ. Никола Ристановски го играше водителот на група музичари (членовите на македонската група „Фолтин“, автори на музиката, овојпат и актери), преку чии песни се прераскажувале настаните, додека тие ја менуваа содржината со тек на времето, во зависност од политичките состојби на теренот.
Претставата е направена во копродукција на шест различни театарски групи, групата на Раде Шербеџија од Бриони, Гавела од Загреб, Словенско народно гледалишче од Марибор, Атеље 212 од Белград, Српско народно позориште и Стеријино позориште од Нови Сад, како и Театар на навигаторот од Скопје, со десет актери од Скопје, Љубљана, Белград и од Загреб.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.