Над пет килограми марихуана се запленети на наплатната станица Гостивар, соопшти МВР.
– Утринава околу 1 часот и 45 минути на наплатната станица Гостивар, од страна на полициски службеници било сопрено возило “Голф” со скопски регистарски ознаки управувано од Р.С. (22) од село Инџиково, скопско, кое се движело во правец кон Тетово. При преглед на возилото, во багажникот, во просторот наменет за резервна гума, биле пронајдени вреќа и торба во кои се наоѓале три односно две поголеми пакувања со непозната тревкаста материја, најверојатно наркотична дрога „марихуана” – се наведува во соопштението.
Поради сомнение дека се работи за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”, лицето е лишено од слобода а извршен е увид на местото на настанот. По целосно документирање и расчистување на случајот против Р.С. ќе биде поднесена соодветна пријава.
Акцијата е спроведена во рамки на оперативната акција „Мрежа“ во којашто досега кривично се пријавени околу 160 лица, а запленети се над 520 килограми разни видови дроги.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.