| четврток, 6 декември 2018 |

Консумирајте зелка секој ден

Зелката е многу здрав и лековит зеленчук, бидејќи содржи многу корисни витамини и минерали, а особено е богата со витамин Ц. Една шолја изрендана зелка ги задоволува дневните потреби на организмот за овој витамин, кој е многу силен антиоксидант. 

Зелката, покрај својата хранлива вредност, е богата со железо, содржи малку јаглехидрати, па затоа има лековито дејство. 

Здравствената важност е посебна карактеристика, како на свежата, така и на киселата зелка, која, исто така, треба да се јаде без зачини. Во зимските месеци се препорачува секојдневно да се консумира кисела зелка, а расолницата да се пие најмалку еднаш во текот на неделата.

Зелката содржи природни состојки кои дејствуваат како лекови против чир на желудникот. Зелката делува благотворно на чирот, бидејќи ја зајакнува отпорноста на слузницата на желудникот.

Во последно време стручњаците препорачуваат и сок од свежа зелка, подготвен со помош на соковник непосредно пред спиење. Овој сок е мошне корисен за отстранување на пречките во органите за варење, а испитувањата потврдуваат дека е ефикасен против чир на дванаесетпалачното црево. 

Зелката им се препорачува и на слабокрвните лица и за стабилизирање на крвниот притисок. Исто така, треба да ја консумираат и лицата кои имаат шеќерна болест (дијабетес), оние кои страдаат од гастритис, запек и ревматизам. 

Исхраната богата со зеленчук како што е зелката би можела да ве заштити од рак на бешиката.

Ако се јаде варена, не треба да биде подготвена со многу маснотии. Варената зелка не се препорачува на луѓето кои страдаат од мигрена (главоболки), или пак, на оние кои имаат тешкотии со варењето на храната

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top