Со новите правила за котација се воведува нов пазарен потсегмент на официјалниот пазар на Берзата – задолжителна котација, на кој, во согласност со споменатите законски измени, треба да котираат хартиите од вредност што во моментот не котираат на официјалниот пазар на Берзата и чии издавачи ги исполнуваат следниве критериуми со состојба 31.12.2012 година:
– номинален капитал во износ од најмалку 1.000.000 евра;
– најмалку 50 акционери;
– најмалку еден процент распространетост на акциите во јавноста; и
– ревидирани финансиски извештаи за последните две години.
Издавачите чии хартии од вредност ги исполнуваат наведените посебни услови за задолжителна котација се должни најдоцна до 30.4.2013 година да поднесат барање за котација на Берзата, заедно со соодветна документација пропишана со правилата за котација. Барањето и документацијата за котација се поднесува преку покровител за котација – членка на Берзата. Берзата го разгледува барањето за котација и поднесената документација и донесува одлука за котација во рок од 60 дена од денот на приемот, односно комплетирањето на барањето.
Издавачите чии хартии од вредност во наредниот период ќе котираат на потсегментот „задолжителна котација“ ќе имаат континуирана обврска за објавување на нивните квартални биланси на успех, полугодишно објавување на сите финансиски извештаи, јавен повик за одржување собрание на акционери, одлуки од собрание на акционери, годишен извештај за работењето, како и обелоденување на сите останати ценовно чувствителни информации, утврдени во правилата за котација, значајни за донесувањето одлуки од страна на инвеститорите.
Воедно, покрај воведувањето на пазарниот потсегмент „задолжителна котација“ со новите правилата за котација на Берзата се менуваат и критериумите за котација на постојниот потсегмент „берзанска котација“ (условот номинален капитал од 500.000 евра се зголемува на 5 милиони евра, а процентот на распространетост на акциите во јавноста се намалува од 15% на 10%), а се воведува и уште еден нов пазарен подсегмент – „котација на мали акционерски друштва“. Новиот пазар на мали акционерски друштва на Берзата е наменет за новоформирани акционерски друштва или за помали друштва чии развојни планови предвидуваат финансирање преку пазарот на капитал. Котацијата на овој пазарен потсегмент ќе им овозможи на овие друштва соодветно претставување пред инвеститорската јавност и стекнување имиџ на котирана компанија. Услови за котација на овој потсегмент се ревидирани финансиски извештаи за последната година и најмалку 250.000 евра номинален капитал, без критериуми за минимален број акционери и распространетост на акциите во јавноста, велат од Берзата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.