| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија изгради имиџ на земја со добри услови за водење бизнис

Буџетот за следната година предвидува значителни средства за реализација на слободните економски зони и оти тие ќе бидат подготвени, особено, новите зони коишто треба во следната година да ги примат првите инвеститори, изјави Зоран Ставревски, вицепремиер

Ekonomska zona Bunardzik (32) (Custom)

Македонија веќе изгради имиџ на земја со добри услови за водење бизнис и е препознатлива како лидер во регионот на ЈИЕ и меѓу најдобрите во Европа и по пониските трошоци од другите земји, но и во квалитетот на работната сила, како и услугата што се добива од Владата и државните институции кон странските инвеститори, истакна денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Тоа, како што посочи на собраниската седница за пратенички прашања, се трите сегменти што заедно со инфраструктурата како четврти фактор се битни за странските инвеститори.

– Тие оценуваат дека во изминатите години Република Македонија направи крупен исчекор во поглед на подобрување на условите за инвестирање, рече Ставрески.

Потсети дека и во Буџетот за следната година предвидува значителни средства за реализација на слободните економски зони и оти тие ќе бидат подготвени, особено, новите зони коишто треба во следната година да ги примат првите инвеститори.

– Таква е зоната во Кичево каде што американската Ки Сејфти систем ќе изгради фабрика, како и зоната во охридско-струшкиот регион каде што се очекува првите фабрики на двете германски компании да започнат со градба, зоната во Прилеп каде што е најавена инвестицијата на Гентерм итн, вели вицепремиерот.

Како резултат на сите овие фактори, додаде тој, во изминатиот период се случија голем број странски инвестиции. Само изминатава недела беа објавени три нови странски инвестиции.

– Се работи за инвестицијата на „Капкон“ со 400 вработувања од зоната во Скопје, инвестицијата на „Гентерм“ германска компанија во зоната во Прилеп со 1.000 вработувања за првите години, а подоцна се очекува тој број да се зголеми за уште дополнителни 1.000 и инвестицијата на „Костал“ што беше вчера објавена за регионот на Охрид и Струга која што ќе донесе најмалку 1000 работни места, изјави Ставрески.

Набрзо, најави, ќе бидат објавени и други инвестиции во полошкиот, во источниот регион и на многу други места во РМ.

– Што значи чекор по чекор ја исполнуваме визијата што ја имавме пред седум-осум години, а тоа е Република Македонија да стане земја која што ќе биде препознатлива во светот за добра бизнис клима и ќе привлече глобални брендови, имиња коишто еднаш засекогаш ќе ја сменат перцепцијата за Македонија, но и структурата на македонското производство и на извозот, изјави вицепремиерот.

Извозот на компаниите што работат во индустриските зони во 2014 година достигна над една милијарда евра односно над 30 проценти од вкупниот извоз на стоки од Република Македонија.

– Последниот податок што го имавме заклучно со минатиот месец беше милијарда и 62 милиони евра. Тоа е голем успех исклучитлено добар резултат, бидејќи можете да замислите како ќе изгледаше состојбата да ги немавме тие милијарда и 62 милиони евра, рече Ставрески.

Уште позначајна е и структурата. – Во структурата на извозот доминира сега производи од автомобилската индустрија, катализатори, кондензатори, воздушни перничиња и се друго што се произведува во земјата, вклучително и готовиот производ – автобусот што го произведува Ван хол. Значи РМ веќе може да се каже дека ја промени структурата на извозот од извоз на суровини или репроматеријали, што беше карактеристично пред седум осум години кон извоз на производи со повисока технолошка вредност и производи коишто имаат поголема дополнителна вредност и за БДП и за вкупната македонска економија, рече Ставрески.

Ефектот на работењето на фирмите во слободните економски зони се мери и преку бројот на вработени, посочува тој.

– Преку 11 илјади луѓе, 11 илјади семејства се згрижени во фабриките што работат во слободните економски зони и тоа е директен ефект од напорите на Владата да се подобри бизнис климата и да се смени имиџот на РМ кај инвеститорите и тоа е видлив резултат, а допрва следуваат уште подобри бројки во тој дел односно нови вработувања. Само во овие компании што ги спомнав за оваа недела што објавија дека ќе инвестираат имаме преку две и пол илајди вработувања, а очекуваме во следната година, година и пол 12.000 нови работни места, истана Ставрески.

Очекувам, рече тој, во следните години да продолжи приливот на странски директни инвестиции во РМ.

Ставрески, одговарајќи на пратеничко прашање, рече дека патниот правец Кочани – Штип е еден од приоритетните за Владата и оти во 2015 година ќе почне да се врши реконструкција на патниот правец. Средствата се веќе обезбедени во рамките на проектите што ги одобри бордот на Европската банка за обнова и развој за четири патишта.

Станува збор за патните правци Градско-Прилеп, најлошиот дел околу Дреновската клисура, вториот пат е Кочани-Штип, третиот Охрид-Пештани и четвртиот е од Требеништа до Струга.

– Сите овие четири патни правци во вредност од 140 милиони евра се одобрени од Европската банка за обнова и развој и со оглед на динамиката на подготовка на проектната документација очекувањата се дека во текот на 2015 година ќе почне реконструкцијата на патот Кочани – Штип и ќе почне изградбата и реконструкцијата на патот Градско-Прилеп. Во еден дел таму ќе биде изградба, во еден дел реконструкција, рече Ставрески.

Патниот правец Кочани-Штип ќе има ниво на експресен пат, ќе биде реконструиран и проширен и ќе биде со по две ленти во двата правци.

– Тоа ќе овозможи значително побезбедно одвивање на сообраќајот во овој регион во Република Македонија, бидејќи очигледно беше дека таму имаше неколку црни точки. Истовремено ќе обезбеди и побрз проток на стока и патници со тоа што со изградбата на автопатот од Штип кон Скопје, дополнително, значи, жителите на Виница, на Кочани и на Штип ќе можат да добијат современи сообраќајници и ќе може значително да се подобри протокот на стока и патници во источниот дел на Република Македонија, рече Ставрески.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков изјави дека за браната Речани проектот е изготвен оваа година и постапката за изградба на пристапниот пат до браната е веќе отпочната.

– Од 5 ,7 километри колку што е овој пат пробиени се веќе три километри, За одредено време ќе биде пробиен целиот пат и, според динамиката, се очекува идната година патот да биде завршен. Откако ќе биде завршен патот ќе се отпочне со изградба на браната. Тендерската документација за браната е изготвена и изведувачот на браната најверојатно ќе го објавиме некаде во март или април месец така што очекуваме некаде во 2015 да се избере и изведувач на браната и очекуваме дека во 2016 година ќе отпочне со изградба и браната, рече Цветков, одговарајќи на пратеничко прашање.

Браната ќе биде со големина од околу 24 милиони метри кубни вода, ќе има висинска разлика од 75 метри.

– По течението на браната низ реката ќе се изградат и мали хидроцентрали што ќе се користат за добивање елекетрична енергија. Секако со оваа брана се предвидуваат да се наводнуваат некаде околу 2.000 хектари површина. Освен за наводнување водата од оваа брана ќе се користи и за вода за пиење, рече Цветков.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top