Католичките верници денеска го одбележуваат Раѓањето Христово-Божик. Традиционално во Македонија, централната прослава по повод празникот се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде имаше свечена литургија.
Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов, честитајќи им го празникот Божик на католичките верници на литургијата ја прочита божикната порака.
– Драги браќа и сестри, и овој Божик не собра во заедништво, и семејно и општествено, за поубаво и содржајно да ја прославиме радоста на оној настан кој се случи во Витлеем и ја раздели нашата историја на стара и нова ера. Навистина, со раѓањето на Исус Христос започна нова ера на човештвото во која Бог стана човек за човекот да биде повикан на достоинство, синови и ќерки Божји. Ова време на релативизам кога се чини дека сите вредности се наоѓаат во некаква магла, па дури и самиот наш живот е завиткан во магла, понекогаш и темнина, јасно се слуша молбата на нашите современици, молбата за спасение, наведе бискупот Стојанов.
Сè повеќе чувствуваме, посочи бискупот, дека секое ветување е без содржајно и остануваме уште повеќе во магла и настапува еден индивидуализам, затворање во себе и отуѓување од другите.
– Божик ни ја разбива темната слика на реалноста која не опкружува и ни дава јасен одговор и повик на надеж за се она што е подобро и исправно. Мирот почнува во срцето на човекот. Мирот е плод на чиста совест во однос на Бога и човекот. Нека е Слава на Бога во висините, а на земјата мир меѓу луѓето. Браќа и сестри, го честитам Божик на сите луѓе со добра волја, а пред сè на верниците на нашата Црква: бидете радосни исполнети со љубов кон Бога и кон себе и бидете носители на надежта и сведоци на вистината дека сме повикани да бидеме, браќа и сестри, миленици Божји. Нека е, Слава на Бога во висините, а меѓу нас на земјата мир, бидејќи сме миленици Негови. Христос се роди!, истакна во божикната честитка бискупот Стојанов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.