Театарот за деца и младинци 2014 година ќе ја заврши со 182 одиграни претстави, со приближна посетеност од околу 19.000 посетители, четири премиери и со три освоени меѓународни награди.
– За разлика од претходната 2013 одиграни се 14 претстави помалку, а посетеноста бележи пад од над 1.000 гледачи, што е логична последица од помалиот број на одиграни претстави. Сепак, треба да се земе предвид и тоа дека септемвриското реновирање на гледалиштето го намали капацитетот од 123 на 112 седишта – вели Драган Довлев, директор на Театарот.
Во текот на годината се одржани четири премиери: „Бајка за царот Нај“ од Снежана Иљоска Наумовска, во режија на Коле Ангеловски, „Нашиот клас“ од Тадеуш Слобоѓанек, во режија на Владимир Милчин, „Могли“ во драматизација на Маја Енчева и Боњо Лунгов, а во режија на Боњо Лунгов и „Пат околу светот“ во драматизација и режија на Бојан Трифуновски.
– Со тоа театарот ја комплетираше програмата од 2013 година и во целост ги реализираше одобрените проекти за 2014 година. Театар за деца и младинци ги реализираше планираните четири гостувања во Македонија, и тоа за помалку од половина предвидени средства. Покрај домашните патувања, театарот го реализираше единствениот одобрен проект од програмата за меѓународна соработка за 2014 год. Се работи за ноемвриското гостување во Прага, Чешка Република, со претставата „Македонска приказна“, а во рамките на Денови на македонска култура, по повод 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу двете земји. Театарот од сопствената приходна сметка финансираше и оствари две учества на еден детски фестивал и еден фестивал за возрасни и се врати од нив со три меѓународни награди. Двата фестивала се одржаа во Крагуевац, Република Србија, во два различни периода од годината. На детскиот фестивал претставата „Бескрајни соништа“ ја освои наградата за колективна актерска игра, додека „Нашиот клас“ на „Јоакиминтерфест“ ја освои Гран-При наградата за најдобра претстава и наградата за визуелност на претставата – соопштуваат од Театарот за деца и младинци.
Покрај учеството на овие два меѓународни фестивала, театарот оваа година беше учесник и на три домашни фестивала: Националниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ и на Меѓународниот фестивал Млад отворен театар во Скопје, а претставата „Могли“ доживеа фестивалска премиера на Скопско лето.
На почетокот од 2015 година во театарот ќе се реновираат фоајето и бифето, јавните и службените тоалети и комплетна реконстрикција на две помошни простории и нивно пренаменување во две нови гримјорни. Планот е да се отпочне за време на училишниот зимски распуст, а работите да финишираат до крајот на јануари. Заедно со веќе поставените нови столици во гледалиштето, театарот ќе ја стартува новата година со комплетно нов внатрешен изглед.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Театар за деца и младинци ќе го прави првиот македонски мјузикл за деца
-
Кренаре Невзати- Кери го постави Шекспир за деца во Театарот за деца и младинци
-
Театар за деца и младинци ја подготвува претставата „Сонот на Вилијам“ посветена на Иван Ивановски (фотогалерија)
-
Стотта изведба на „Цветната улица” на Театарот за деца и младинци