Дванаесет ловишта во пет ловни региони во Mакедонија ќе бидат дадени под концесија. Огласот веќе е распишан од страна на Министерството за земјоделство и ќе трае до 20 јануари.
Три од ловиштата се со ситен дивеч и за нив концесијата ќе биде 10 години, а девет се ловишта со крупен дивеч и тие ќе бидат дадени под концесија на 20 години.
По едно ловиште е во регионот на Македонски Брод, Прилеп и Струга, четири се во Кочани и пет во Делчево.
Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев денеска ги повика сите заинтересирани субјекти да ја подигнат тендерската документација и да учествуваат на електронското наддавање.
– На овој јавен повик право за учество имаат сите домашни правни лица и сите странски правни лица кои имаат регистрирано подружница во Република Македонија, согласно Законот за трговските друштва, кои ги исполнуваат условите од повикот и ќе подигнат тендерска документација и ќе поднесат понуда. Рокот за поднесување на понудите е до 20 јануари 2015 година, кога ќе следува и нивното јавно отворање, истакна Ѓорѓиев.
Во тендерската документација се содржани податоци за ловиштата, времетраењето на концесијата, површината на ловиштата, износот на минималниот концесиски надоместок и останатите услови и критериуми кои треба да се исполнат.
– Минималниот концесиски надоместок наведен во тендерската документација, не е финалната сума која би ја плаќал концесионерот. Тоа е само сума која служи како ориентир за субјектите кои конкурираат на јавниот повик за да ја формулираат нивната сума на концесиски надоместок која ќе ја понудат во јавниот повик и која сума задолжително треба да е повисока од сумата на минималниот концесиски надоместок кој е предвиден во тендерската документација, појасни Ѓорѓиев.
Јавното отворање на понудите ќе биде на 20 јануари, а оние субјекти кои ќе ги исполнат општите услови и кои ќе понудат сума на концесиски надоместок која е повисока од сумата на минималниот концесиски надоместок ќе се стекнат со правото да учествуваат на електронската аукција.
Оној понудувач кој предложил највисока сума на концесиски надоместок ќе треба во рок од 60 дена да поднесе доказ за материјално-технички услови (број на вработени, опрема, оружје и останати ставки согласно закон) по што ќе го склучи договорот. Доколку ги поднесе овие податоци во пократок рок, тогаш договорот би се склучил побргу.
Концесискиот надоместок за малите ловишта ќе се плаќа на 10 еднакви годишни рати, а за поголемите ловишта на 20 еднакви годишни рати, при што ратата за секоја година треба да се уплати до 30 јуни во тековната година.
– Апелираме до сите субјекти да ја искористат оваа можност. Таа се карактеризира со полна транспарентност на целокупниот процес чија што финална гаранција е електронската аукција која се одвива за конечен избор. Стопанисувањето со ловиштата би значело нови можности за бизнис заедницата, бидејќи е доходовно и може покрај основната дејност да се надополнува и со профит од дополнителната дејност во врска со ловниот туризам. Сите субјекти кои имаат интерес за стопанисување во оваа сфера имаат можност уште отсега да се подготвуваат и да создаваат конкурентна предност која е потребна за потенцијално да се стекнат со правото на стопанисување на ловиштата, потенцира Ѓорѓиев.
Во Македонија во моментот од постоечките 250 ловишта, под концесија се стопанисуваат 210 ловишта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.