
Дамите, членови на Инер Вел клуб (Inner Wheel Club) од Скопје на почетокот на оваа недела реализираа хуманитарен караван во кој беа опфатени две државни училишта, а ќе продолжи во јануари за Божиќните празници.
Учениците од единственото средно училиште и дом за глувонеми „Партенија Зографски“ во Скопје и децата од државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ благодарение на клубот уживаа во програмата на магионичар и претставата „Дедо Мраз во розово” која опфати читање на сказни, а беше изведена од актерите од Драмски театар кои се вклучија во хуманитарната акција.

Двете посети на училиштата завршија со дружба на членовите со децата и поделба на новогодишни пакетчиња.
– Следејќи ја главата цел и мисија на нашиот клуб ширење на позитивни искуства за жените и децата во светот, оваа година ја завршуваме со новогодишен хуманитарен караван кој има за цел да донесе радост и веселба во секојдневието на овие деца. Како жени и мајки, гледајќи ги насмевките на децата во изминативе два дена, полни ни се срцата и сме навистинска среќни што на кратко успеавме заедно со нив да избегаме од секојдневието и да уживаме во овој новогодишен период – изјави Анета Антова Пешева, претседател на клубот.

Интернационалниот клуб Инер Вел поврзува влијателни жени од целиот свет. Македонскиот клуб е формиран во 2004 година. Од неговата регистрација до денес реализирани се голем број на хуманитарни проекти и кампањи. Мисијата на овој клуб е промоција и организација на активности, услуги и позитивни практики, со цел подобрување на животот на жените и децата во светот, преку глобалната мрежа на членки, кои донираат на волонтерска основа – средства, посветеност и љубов на останатите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


