Џихадистичка група од Египет објави видеоснимка од егзекуција на двајца, како што наведуваат, воени доушници на полуостровот Синај.
Групата Ансар Беит ал Макдиш, која е заколната на верност кон екстремистичката Исламска држава и порано објавувала снимки од егзекуции. Во последната, објавена на Јутјуб, прикажано е како четворица мажи признаваат дека се доушници. Потоа еден од припадниците на групата убива двајца пукајќи им в главата.
Агенцијата „Франс прес“ наведува дека не е јасно дали убиените се дел од групата мажи, кои, наводно, признаваат дека се кодоши. Во еден дел од снимката се гледа како џихадистите пребаруваат контролни пунктови и се закануваат дека ќе извршат напад против египетски безбедносни сили. Групата Ансар Беит ал Макдиш (Партизани на Ерусалим) соопшти дека од август лани убила најмалку 12 луѓе затоа што работеле за израелската Мосад.
Бебедноста на Синај се влоши по соборувањето на египетскиот претседател Мохамед Морси. Екстремистите убија десетици припадници на безбедносните сили во знак на одмазда поради, како што велат, бруталната владина кампања против приврзаниците на Морси.
По соборувањето на Морси убиени се повеќе од 1.400 негови приврзаници во судири со воените и безбедносните сили, а повеќе од 15.000 се во затвор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


