Двајт Хауард е вистински Супермен и во стил на познатиот стрип-јунак одигра против поранешниот тим Орландо во победата на Лос Анџелес лејкерс од 106-97. Центарот на „езерџиите“ даде 39 поени, исто толку пати шутираше слободни фрлања, а прокнижи и 16 скока. За него ова беше прво гостување во Орландо откако оттаму премина во Лејкерс.
Мајами хит, пак, победи по 19. пат во серија, а ноќеска Атланта беше поразена од актуелните шампиони. Двејн Вејд со 23 поени беше најзабележителен, а Леброн Џејмс даде 15 поени, со по 7 асистенции и скокови.
Рики Рубио првпат во кариерата запиша двоцифрени резултати во три категории, 21 поен, 13 скока и 12 прецизни додавања, а Минесота го победи Сан Антонио со 107-83. За гостите не играа повредениот Тони Паркер и Тим Данкан, кој доби еден меч одмор од Грег Попович.
На паркетот не се појави и Пол Пирс кај Бостон, а Селтикс загуби катастрофално со 26 разлика од Шарлот. Најслабиот тим во НБА сезонава победи со 100-74.
Резултати: Орландо – ЛА лејкерс 97-106, Шарлот – Бостон 100-74, Бруклин – Њу Орлеанс 108-98, Мајами – Атланта 98-81, Кливленд – Вашингтон 95-90, Минесота – Сан Антонио 107-83, Милвоки – Далас 108-115, Портланд – Мемфис 97-102.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


