| четврток, 6 декември 2018 |

Правниците и сметководителите со највисоки плати

Банковните салда лани во декември биле највисоки кај вработените во правните и во сметководните дејности, кај кои е забележан пораст од 80 отсто на примањата. Кај вторите на ранг-листата на најплатени во државата - вработените во дејноста компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности, на крајот на минатата година има месечен скок на примањата од речиси 30 отсто. На вработените во финансиско-услужните дејности, пак, во тој период примањата им се намалија за 3,5 отсто

Која професија е најплатена во државава? Статистичките податоци велат дека вработените во правните и во сметководните дејности минатата година биле на врвот на листата на најплатени професии. Само во декември 2015 година нивната просечна нето-плата, изнесувала 67.577 денари, што за македонски услови претставува повеќе од добра плата. Висината на оваа сума е благодарение на зголемувањето на платите од речиси 80 отсто на вработените во правно-сметководните дејности, со што овие вработените на другите вработени во финансиските дејности „им бегаат“ за малку повеќе од една просечна македонска плата или за 25.000 денари. Нешто помалку од сметководителите или, во просек, по 64.688 денари земале компјутерските програмери, а трети на листата најплатени биле вработените во финансиско-услужните дејности со просечна плата од 42.218 денари. Производителите на основни фармацевтски производи, пак, според статистичкиот преглед заостанувале зад нив за малку повеќе од 1.000 денари, а меѓу најдобро платените во државата и понатаму се вбројуваат и вработените во воздухопловниот транспорт и во телекомуникациите на чиишто сметки во декември легнале по речиси 40.000 денари. Меѓу најмалку платените професии остануваат тие од трудоинтензивните дејности. Разликата меѓу најниската и највисоката плата поделена во декември надминува 55.000 денари.

– Трудоинтензивните дејности, текстилната, чевларската, примарните дејности од земјоделството и од трговијата, посебно на мало, остануваат професии што се најмалку платени во државава. Највисоките плати, пак, се менаџерските. Меѓу поплатените професии, последниов период се и тие на лицата од сметководните дејности, што најмногу се должи со наметнување на задолжителната обврска секоја компанија да има сметководител со сертификат. Ова барање го намали бројот на сметководители, а ја зголеми одговорноста и стручноста на тие што добија сертификат за работа, но и нивната плата и тоа е очекувано бидејќи ова е систем што е врзан – вели претседателот на Бизнис-конфедерацијата, Миле Бошков.

Според него огромниот јаз меѓу највисоките и најниските плати во државава се должи на различната перцепција на тоа колку вреди секој работник.

– Јазот меѓу висината на пла­тите најмногу се должи перцепцијата и на психолошкиот ефект при договарање на платите, поточно свеста на менаџерот кој работник колку вреди, за преку платата да го вреднува и неговиот труд.Тој треба да процени кој работник колку треба да биде платен за да биде поефективен на работното место. Практично, знаењето за управување на компанијата е тесно врзано со одредување на висината на платата. Во основа, се цени знаењето и искуството на вработениот, меѓутоа колку ќе се цени неговата продуктивност зависи и од неговиот карактер. На пример, можете да имате супер образуван работник, ама ако е мрзлив, немате продуктивен работник. Значи кругот треба да е затворен, работникот да биде едуциран и вреден за да биде вреднуван од страна на работодавецот – вели Бошков.

Што се однесува до моментот на минимална плата, според Бошков таа ги изместила позициите на платите во земјава.

– Минималната плата еднакво добро им помогна, но и еднакво добро им одмогна на сите. Од една страна се подобри социјалниот статус на лицата што ја земаат, но овозможи и голема социјално-економска неодговорност од страна на компаниите. Сега тие исплатуваат или преку оглас бараат работници со минимална плата од 10.500 денари, а во зависност од флуктуацијата на готовина, исплатуваат дополнително некоја илјадарка во плик и ги избегнуваат социјалните придонеси. Така се доведовме до ситуација да откако е одредена исплата на минималната плата, да има помалку собрано социјални придонеси. Токму затоа сега силно ги мотивираме синдикатите да се напушти концептот на минимална плата и да тргне секторското договарање плати – објаснува претседателот на Бизнис-конфедерацијата.

Во земјава нема прецизна бројка колку вкупно менаџерски договори се склучени и на кој износ бидејќи регулацијата на ваквите договори потпаѓа под Законот за трговските друштва и е деловна тајна. Менаџерските договори се склучуваат меѓу Одборот на директори и избраниот менаџер и нив ги регулира Законот за трговските друштва. Се плаќаат истите давачки, но тоа не се права од работен однос и тие договори се полиберални. Засега нема регистар за бројот и за износите на тие договори.

Државниот завод за статистика објави дека просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во декември лани изнесувала 22.715 денари и во однос на претходниот месец била повисока за 3,4 отсто, а во однос на декември 2014 година за 1,4 отсто. Платите во 2015 година во однос на 2014 година биле повисоки за 2,4 отсто. Статистичарите пресметале дека годишното зголемување, пред сѐ, се должи на порастот на платите во секторите административни и помошни услужни дејности за 11 отсто, уметност, забава и рекреација за 6,1 отсто и информации и комуникации за 5,8 отсто, со тоа што во рамките на секторите има драстични разлики од дејност до дејност.

Вработените во правните и во сметководните дејности, чиишто банковни салда се највисоки на крајот на минатата година, несомнено се најдобро рангирани по примањата, откако во изминатите години за такви се сметаа банкарите. Кај вторите на ранг-листата на најплатени во државата – вработените во дејноста компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности, на крајот на минатата година има месечен скок на примањата од речиси 30 отсто. На вработените во финансиско-услужните дејности, пак, во тој период примањата им се намалија за 3,5 отсто. До плата од 40.000 денари вработените во воздухопловниот транспорт, се приближија со декемвриското покачување од 58,6 отсто.
Со значителен пораст на платите од 40,5 отсто, 2015 година ја завршија и производителите на моторни возила и со тоа покачување за малку ја надмина просечната републичка плата. Нивните средни примања во декември изнесуваа 23.889 денари.

И текстилците, за кои законски загарантираната минимална плата е пониска отколку за другите вработени во државата, се израдуваа на крајот на минатата година. Тие добија покачување од речиси 44 отсто, но нивната просечна плата, сепак, останува меѓу најниските. И понатаму најмали плати се делат во земјоделскиот сектор, а меѓу нив најниско платени се рибарите.

Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 184. број на неделникот „Република“, 11.03.2016)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top