| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски – Давутоглу: Турција останува силен поддржувач за членство на Македонија во НАТО

Македонија и Турција имаат одлична соработка на политички и на економски план, а трговската размена меѓу двете земји во моментов изнесува 450 милиони долари, со можност и натаму да се зголемува, со цел за понатамошно унапредување и продлабочување на соработката на сите полиња.

GRUEVSKI-DAVITOGLU-3

Ова беше истакнато на денешната средба меѓу премиерот Никола Груевски и неговиот турски колега Ахмет Давутоглу.

– Турција е наш долгогодишен поддржувач за евроатланските интеграции, како и за нашите државни и национални интереси. Таа е една од десетте земји со која Македонија има најголем обем на трговска размена – нагласи премиерот Груевски.

Тој позитивно ги оцени турските инвестиции во нашата земја и ги охрабри компаниите и бизнисмените да ја зголемат трговската размена и бизнис соработката.

GRUEVSKI-DAVITOGLU-1

– Министрите за економија ќе разменат мислења на ова поле и ќе ги видат суштинските можности за зголемување на соработката, вклучувајќи го тука и земјоделството и можноста за извоз во Турција. Ќе бидеме во постојан контакт повторно во однос на вложување во слободните индустриски зони – рече турскиот премиер Давутоглу.

GRUEVSKI-DAVITOGLU-2

Турскиот премиер нагласи дека Турција останува силен поддржувач за членството на Македонија во НАТО.
­

– Сакаме Македонија да биде што поскоро членка на алијансата. Никој како Турција не ја поддржува Македонија на тој пат. Земјите од Балканот треба да бидат под чадорот на НАТО. На самитот во Чикаго излагањето го започнав со изјавата дека јас сум од Македонија. Тоа е голема поддршка за Македонија од Турција и таа ќе продолжи како и досега – рече Давутоглу.

Според Груевски, постои одлична соработка и на полето на туризмот, бидејќи секоја година се зголемува бројот на туристи од двете земји, а се развива и културната соработка.

Денеска турскиот премиер ќе оствари средба и со претседателот Ѓорге Иванов.

Фото: Ѓ. Личовски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top