| четврток, 6 декември 2018 |

УКИМ во јануари ќе расправа за државниот испит

уким

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на научна конференција идниот месец ќе расправа за местото и за улогата на универзитетите во креирањето и унапредувањето на високото образование во Македонија со посебен акцент на процесите за проверка, обезбедување и подигнување на квалитетот во високото образование.

Како што соопшти Ректорската управа, на конференцијата закажана за 16 јануари 2015 година на Економскиот факултет во Скопје, ќе учествуваат единиците и придружните членки на УКИМ, другите универзитети во Република Македонија, студенти и претставници на Министерството за образование и наука (МОН).

Ректорската управа на УКИМ на седница, покрај другите прашања, посебно внимание посветил на предлозите на МОН поврзани со реформите во високото образование.

– Во тој контекст, едногласно е констатирано дека Информацијата за воведување државен испит за студентите на универзитетите во Република Македонија беше доставена за произнесување до единиците и придружните членки на Универзитетот. Сите единици и придружни членки на УКИМ доставија мислења, предлози и забелешки, кои на 16 декември 2014 година се доставени до Министерството за образование и наука – информира Управата.

Во тек е расправа на единиците на Универзитетот и по другите предлог-законски решенија поврзани со високото образование, по која мислењата, предлозите и забелешките на единиците и придружните членки на УКИМ ќе бидат доставени до Министерството за образование и наука.

Ректорската управа, како што наведува, очекува мислењата, предлозите и забелешките да бидат земени предвид од надлежните органи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top