
Со песната „Налеј, налеј“, која ја изведе хор, а во која се говори за страдањата на родољубивите Македонци кои својот живот го дале за слободата на Македонија беше испратен македонскиот актер Васил Шишков на вечното почивалиште. Последниот аплауз за Шиле долго одекнуваше во Македонскиот народен театар (МНТ) каде што се одржа комеморацијата по повод прераната смрт на Васил Шишков (44) кој почина во неделата од срцен удар.
– Ова сцена никогаш нема да го наушти мојот дух. Дајте ми шанса. Сега сакам да се одморам…
Ова е сцена од „Вечната куќа“ каде што Васил го глуми својот татко Ристо Шишков, бардот на македонското глумиште. По смртта на Васил, од јануари кога на сцената на МНТ ќе се прикажува „Вечната куќа“, оваа сцена ќе оди на видеобим бидејќи, едноставно, никој не може да го замени Васил во улогата на татка си Ристо.

– Ти беше совеста на МНТ, Василе. Не го изгубивме само Васил, туку уште еднаш го загубивме Ристо – рече Дејан Пројкоски, режисер и уметнички директор на МНТ.
Дејан Лилиќ, директорот на националниот театар, говорејќи за Васил призна дека сите тие доаѓале во театар, но Васил го носел театарот во себе.
– Ние загубивме човек кој никому ништо лошо не му мислеше – рече Лилиќ.
„Јас сум врзан, окован во овој театар од дете. Овде спијам, живеам, верувам, љубам. Не знам дали животот е сон. Никој не може да ни го земе животот, наспроти сѐ“ е репликата која Шишков ја говори во претставата „Животот е сон“, а која тој сам ја напишал.

– Беше предодреден за големи, за насловни улоги, за јунаци и маркантни ликови. Таква ти беше и појавата. Но, за жал одигра само 26 претстави за 20 години работен стаж. Те паметам кога дојде во бараките на ФДУ, да се запишеш на факултет. Ти беше дел од таа „Вудсток генерација“ која јас така ја викам, родените во период од 1969 до 1972 година. Сите тие денес ги носат насловните улоги во македонските театари. Сите тие дојдоа слободни, да создадат свој театар, а само Васил дојде за да влезе во театарот на татко му. Неговиот товар не може да се спореди со товарот на никој друг. Тој не се ослободи од тој товар и не можеше да полета во својата сопствена тангента. Кругот се затвори симболично, кога тој го одигра ликот на својот татко – рече професорката на Факултетот за драмски уметности, Јелена Лужина.

Роднини, пријатели, актери, режисери, писатели, поети, колеги од неговата генерација дојдоа на последното испраќање на Шиле во МНТ. Ѓорге Иванов, претседателот на Република Македонија, Елизабета Канческа-Милевска, министерката за култура, градоначалникот на Струмица, Зоран Заев, колегите од Драмски театар, камерниот театар „Ристо Шишков“, Јордан Плевнеш со семејството, Кинотека на Македонија, Борче Грозданов, испратија теелграми со сочуство за прерната смрт на Шишков.
Васил Шишков е роден на 30 јануари 1970 година. Дипломира актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Дебитира како професионален актер на сцената на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп 1993 година, играјќи го Марко Kрале од Младен Србиновски, а во режија на Љубиша Георгиевски. По дипломирањето, стана член на драмскиот ансамбл на МНТ, каде што одигра дваесетина ролји. Гостуваше и во театрите во Велес и во Струмица. Во деведесеттите години сними десетина филма и телевизиски драми. Својата последна ролја Васил Шишков ја одигра во претставата „Вечна куќа“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.






