| четврток, 6 декември 2018 |

Невработените ќе можат да се пререгистрираат без одење на шалтер во ФЗОМ

 ФЗО 3

Фондот за здравствено осигурување од наредната година податоците за пререгистрација на невработените лица ќе ги добива по службен пат од Управата за јавни приходи. Тоа значи дека лицата кои веќе се пререгистирани по овој основ нема да имаат потреба да одат на шалтерите на Фондот за да извршат нова пререгистрација, а би имале континуитет во здравственото осигурување.

Според директорката на Фондот за здравствено осигурување Маја Парнарџиева-Змејкова ова ќе придонесе да се избегнат турканиците пред шалтерите за пререгистрирање на невработените и лицата со ниски примања за бесплатно здравствено осигурување.

– Согласно закон за социјални придонеси, оваа обврска претставуваше агонија за околу 240.000 граѓани. Оваа бројка варира од година во година, но нашите вработени секоја година се соочуваа со голема бројка на осигуреници, кои најчесто оваа обврска ја оставаа до крајниот рок, 31 март и тогаш во подрачните служби е исклучително тешко и за самите осигуреници, но и за вработените. Од 2015 година податоците за пререгистрација на невработените лица, ќе ги добиваме по службен пат од УЈП. На овој начин избегнуваме и некои од ранливите категории на осигуреници, кои не стигнале на време да се пререгистрираат, поради тоа да изгубат некое право, како ортопедско помагало – изјави директорката Парнарџиева-Змејкова.

Додаде дека долго работеле со УЈП за да го надминат овој проблем и конечно оваа пролет, како што вели, нема да бидеме сведоци на нервози по подрачните служби.

– Практиката досега беше секоја година од февруари до април невработените да се пререгистрираат за да добијат бесплатно здравствено осигурување. Работата многумина ја оставаа за пет до дванаесет и тоа рефлектираше со долги редици пред шалтерите. Некои граѓани, поради ненавремено завршување на обврската, се случуваше да го изгубат и правото на ортопедски помагала – истакнува Парнарџиева-Змејкова.

Согласно Законот за придонеси од задолжително здравствено осигурување пререгистрација прават осигуреници кои како семејство во 2013 година оствариле приход кој не е поголем од 96.600 денари годишно и осигуреници кои како семејство во 2013 година оствариле приход кој е поголем од 96.600 денари годишно, но не поголем од 85.412 денари, единствено во случај ако во последните два месеца оствариле вкупен приход кој е помал од 16.100 денари.

За овие две категории на осигурени лица придонесот за здравствено осигурување го плаќа Министерството за здравство.

Согласно Законот за придонеси од задолжително здравствено осигурување со повисоки примања се пререгистрираат осигуреници кои како семејство во 2013 година оствариле приход поголем од 96.600 денари, но помал од 185.412,00 денари ќе плаќаат придонес на основица од 50 отсто или 1.128,00 денари и осигуреници кои како семејство во 2013 година оствариле приход поголем од 185.412 денари ќе плаќаат придонес на основица од 100 отсто или 2.256 денари.

Новиот начин на пререгистрација произлезе од проектот „Крај на турканици при пререгистрација на лицата со ниски примања“.

Според новиот начин лицата кои веќе се пререгистирани по овој основ нема потреба да доаѓаат на шалтерите на Фондот за да извршат нова пререгистрација како и понатаму би останале по тој основ и би имале континуитет во здравственото осигурување.

Согласно измените во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и во Правилникот за индикациите за начин на остварување на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување, се укинуваат изјавите за остварени нето приходи од претходната година и наместо нив се воведува барање за прием во осигурување кое ќе го поднесуваат осигурените лица.

За лицата кои веќе се регистрирани по овој основ ФЗОМ податоците за нивните нето приходи ќе ги добива од УЈП преку електронска размена најдоцна до 31 јануари во годината што следи, по годината кога се врши поднесувањето на даночната пријава и утврдување на данокот како и од други извори, по доставено барање од страна на ФЗОМ и податоци за осигурениците за кои е потребно да се достават податоци за вкупниот годишен нето приход кој го оствариле како семејство.

Парнарџиева-Змејкова појаснува дека тоа во праксата значи дека добивањето на податоците за нето приходите од УЈП или од други извори, ќе се подразбира дека самите лица веќе поднеле иницијално барање за нивна пререгистрација и ФЗОМ по службена должност ќе донесе решение за прием во осигурување.

Напоменува дека податоците кои ќе ги добие ФЗОМ од УЈП ќе се однесуваат за остварени нето приходи како семејство во 2013 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top