| четврток, 6 декември 2018 |

Австралија пред нов терористички акт

tony abbotАвстралискиот премиер Тони Абот предупреди дека во земјата е забележена „интензивирана комуникација меѓу терористите“, особено по минатонеделната заложничка криза во кафуле во Сиднеј, како и дека е веројатно дека ќе дојде до нов напад.

– На денешниот брифинг на безбедносните служби беше изнесен податокот дека е забележена засилена комуникација меѓу терористите по заложничката криза на сиднејскиот плоштад Мартин. Не знаеме кога, ниту како тоа ќе се случи, но знаеме дека постојат луѓе кои имаат намера и се способни да извршат нови напади- рече Абот по состанокот на австралискиот Комитет за национална безбедност.

Три лица, грабнувачот и двајца заложници, беа убиени, додека четири лица беа ранети кога полицијата, по повеќечасовната опсада, упадна во кафулето „Линт“, во центарот на Сиднеј, во кое од раните утрински часови, на 15 декември, беа држани седумнаесет заложници, соопшти полицијата на Нов Јужен Велс.

Абот не го зголеми нивото на опасност од тероризам, што во моментов е исклучително високо, но предупреди дека „при овој степен новиот напад е веројатен“.

– На граѓаните им укажувам на фактот дека и натаму има висока опасност од тероризам, како и дека нападот е веројатен. Затоа е важно луѓето да бидат внимателни, но и да бидат уверени дека нашата полиција и безбедносни агенции работат се што е во нивната моќ за ние да бидеме безбедни, истакна Абот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top