| четврток, 6 декември 2018 |

Почина последниот преживеан од неуспешниот атентат на Хитлер

Во деведесеттата година од животот почина Евалд Ханјрик фон Клајст, последниот преживеан учесник во заверата против Адолф Хитлер кој сакаше во самоубиствен напад да го убие нацистичкиот лидер.

Клајст во 1938 година бил во Англија каде што преку британскиот државен врв барал согласност од западните земји за атентат на Хитлер, кој во тоа време се подготвувал за војна, но тогаш Британија не сакала да ја менува мирољубивата политика кон Хитлер.

И покрај тоа што неговото семејство било жесток критичар на политиката на Фирерот, поради што и неговиот татко неколку пати бил апсен, Клајст се приклучил на нацистичката армија во 1940 година.

Три години подоцна бил ранет на источниот фронт, а додека се опоравувал, полковникот Клаус фон Штаунфеберг му претставил план за убиство на Хитлер. Тој му предложил атентатот да го изврши во самоубиствена мисија со појас полн со експлозив врзан за неговото тело. Клајст прифатил, но планот пропаднал.

Неколку месеци потоа, на 20 јули 1944 година, повторно е организиран атентат, кога во рачна чанта е внесен експлозив во просторијата во која Хитлер одржувал состанок со најблиските соработници. Но, Фирерот успеал да го преживее атентатот, по што следувале бројни апсења. Стрелан бил Фон Штауфенберг, како и таткото на Фон Клајст иако не учествувал во заговорот. Клајст бил уапсен и испрашуван во централата на Гестапо, но не бил стрелан, туку бил испратен во концентрационен логор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top