Секуларниот кандидат Бежи Каид Есебси е избран за нов претседател на Тунис, победувајќи го актуелниот шеф на државата, исламистот Монсеф Марзуки, јави ТАСС.
Како што соопшти попладнево туниската централна изборна комисија, на вчерашниот втор круг од претседателските избори, Есебси освоил 55,68 отсто од гласовите, а Марзуки 44,32 проценти.
Есебси е лидер на секуларната партија Повик за Тунис (НТ), која освои најмногу гласови на парламентарните избор во октомври годинава. Тој во два наврати беше премиер на Тунис и важи за докажан противник на исламистите.
Претседателските избори се сметаат за последна фаза од периодот на транзиција во Тунис, по уривањето на авторитарниот режим на поранешниот претседател Зин ал Абидин бен Али на почетокот на 2011 година.
Аналитичарите проценуваат дека победата на 88-годишниот Есебси и на неговата партија се должат на незадоволството на Тунижаните од управувањето на исламисти, кои ја презедоа власта во земјата по првите претседателски и парламентарни избори по уривањето на режимот на Бен Али.
По објавувањето на првичните разултати од вчерашните избори, синоќа во јужниот туниски град Ел Хама се одржа протест на меѓу 300 и 400 исламисти кои се судриле со полицијата.
Министерството за внатрешни работи на Тунис соопшти дека до инцидентот дошло кога демонстрантите почнале да палат гуми по улиците и со камења нападнале една полициска станица, по што интервенирале силите на редот. При судирите се повредени неколкумина полицајци.
Марзуки извојува убедлива победа во реоните во јужен Тунис и на двата круга од претседателските избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.