Градежниот сектор и институциите ќе промовираат користење технологија на зелена градба, како чекор кон намалување на влијанието на градењето врз човековото здравје и животната средина, но и заштеди. Формиран е совет за зелена градба, поддржан од Сојузот на стопански комори, кој треба да ја зголеми свеста за користење нови практики за градење.
– Трошоците при зелена градба се само 1 до 5 проценти повисоки и корисникот на станбениот или деловниот простор преку заштедите кои ќе ги оствари ги враќа овие средства во првата година, бидејќи заштедата на електрична енергија е околу 30 проценти, а на вода околу 40 проценти на годишно ниво – рече Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија на денешната прва конференција за зелената градба во Македонија.
Зелената или т.н. одржлива градба, се однесува на структура и употреба на процес кој е еколошки одговорен и енергетски ефикасен во текот на целиот животен циклус на една зграда, од дизајн, изградба, работење, одржување, реновирање, како и уривање. Зелената градба вклучува изнаоѓање баланс помеѓу градењето и одржливата енергија, што пак бара соработка меѓу архитектите, инженерите и клиентот во сите фази на проектот.
Концептот на зелената градба, укажа Арсовска, е од огромно значење не само за градежниот сектор, туку и за секој граѓанин, бидејќи значително го подобрува квалитетот на живот, влијае врз подобрување на сигурноста и здравјето на човекот, како и на животната средина.
Сеад Кочан, претседател на Македонскиот совет за зелена градба, истакна дека одржливоста на градбата, енергетската ефикасност и заштитата на животната средина, ќе генерираат одржлив раст во градежниот сектор, креирање работни места, зголемување на енергетската сигурност, како и намалување на сиромаштијата, бидејќи увозот на нафта и гас во Европа чини стотици милијарди евра секоја година.
– Исто така ќе се подобрува испораката на јавните услуги, а финансиските придобивки од зелена градба ја зголемуваат можноста за продажба и закуп, помагаат да се намалат капиталните расходи и го намалуваат ризикот од прописите кои бараат скапи модификации на објекти – рече Кочан.
Од следниот месец, според министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, ќе се пристапи кон измени на Законот за градење со кои ќе бидат опфатени иницијативите за промовирање на зелената градба.
Со цел следење на европските директиви, укажа Јанакиески, со последните законски измени на Законот за градење се изврши усогласување со Законот за енергетика. – Од 1 јануари 2015 година за сите нови градби ќе биде задолжително поседување сертификат за енергетска ефикасност. Кога се аплицира за одобрение за градење, самиот проект треба да содржи потврда за енергетска ефикасност. Тоа ќе се бара и при значителна реконструкција на градбите, со исклучок на индивидуалните објекти – рече Јанакиески, истакнувајќи дека тоа ќе овозможи пониски трошоци за домаќинствата и за компаниите, особено во делот на заштеда на енергијата.
Според заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски, заштитата на животната средина не треба да биде ограничена од економската и социјалната развиеност.
– Постојниот дел на потрошувачката на енергија во градежниот сектор опфаќа 39 проценти од севкупната потрошувачка на електрична енергија, станбениот сектор користи приближно 80 проценти од енергијата потребна за објектите, а објектите дополнително користат 69 проценти електрична енергија и 40 проценти од топлинската енергија за која со комбинирано производство се емитираат приближно 71 процент од годишните емисии на CO 2. Енергетските трошоци заземаат огромен дел од националните и локалните буџети – наведе Темелковски.
Со имплементирање мерки за енергетска ефикасност, додаде, може значително да се намали потрошувачката на енергија и трошоците за енергенси, како и да се подобрат внатрешни услови во објектите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.