
Годинава што изминува беше исклучително добра за македонската економија. Прогнозите велат дека годинава ќе заврши со раст од околу 4 отсто, кој ќе биде втор највисок во Европа. Невработеноста воедно се спушти под 28 отсто, на историски најниско ниво. Иако е се уште тоа ниво високо, Македонија во регионот останува единствената земја која успева да ја намали невработеноста во ситуација на економска криза. Додека Европа се уште се справува со економската криза, македонското стопанство успеа успешно да се справи со предизвиците кои доаѓаат во тој поглед, анализира Лидер.
Експертите сметаат дека штом во услови кога на стариот континент се уште се присутни последиците од економската криза, Македонија успева да се справи со предизвиците и да постигне добри резултати, тоа дава поттик и охрабрување дека и во иднина македонската економија може да оствари повисоки стапки на раст.
Народната банка прогнозира дека македонската економија годинава ќе оствари економски раст од 3,7 отсто. Според НБРМ, во наредниот период ќе продолжи државниот инвестициски стимул, позитивните ефекти од странските директни инвестиции, солидната кредитна поддршка и најважно, ќе продолжи закрепнувањето на пазарот на трудот. Главните ризици кои остануваат се екстерни и поврзани со заздравувањето на економијата во еврозоната.
НБРМ прогнозира дека растот ќе продолжи во наредните години и тоа со позасилено темпо. За 2015-та се очекува позитива од 4,1 отсто, а за 2016-та од 4,5 отсто, со што Македонија повторно ќе се врати на релативно високите стапки на раст кои ги остваруваше пред големата криза, кога земјава врза неколку години раст на БДП од над 5 отсто, а пикот беше достигнат во 2007-та, кога растот изнесуваше цели 6,1 отсто.
Економијата расте, невработеноста се намалува
Истовремено, индустријата зеде залет и стои на здрави нозе, што повторно укажува дека проектираната стапка на економски раст е остварлива. Индустриското производство континуирано расте 14 месеци по ред, од септември минатата година. Според последните податоци од Државниот завод за статистика, индустријата во октомври, во споредба со истиот период од минатата година пораснала за 7,5 отсто. Од почетокот на годинава, а за десет месеци, растот на индустриското производство изнесува 5,1 отсто.
– Македонија постигна стапки на раст кои ретко кој ги очекуваше. Во нашата економија расте реалниот БДП проследено со намалување на невработеноста, што е посакувана состојба. Добро балансираните економски политики од претходниот период посебно во периодот после рецесија придонесоа за оваа брана која сега ја имаше Македонија, во однос на ефектите кои од после доаѓаат. Мислам дека сме на вистински пат во однос на растот на економијата – смета универзитетскиот професор Димитар Ефтимовски.
Македонија во фокус на странските инвеститори
Странските инвестиции и следната година ќе бидат дополнителен импулс за економијата. Оваа година повеќе од 20 реномирани странски компании ја одбраа Македонија како место за нивниот бизнис. Тоа значи дека 2014 година е една од најуспешните кога станува збор за влез на странските директни инвестиции како никогаш досега, доколку се направи споредба со претходните години. Дел од компаниите почнаа да инвестираат, а дел ги донесоа и објавија одлуките за инвестирање.
– Македонија е веќе препознатлива за странските инвеститори и тие се почесто истакнуваат дека Македонија е поволно место за нивниот бизнис. Компаниите во зоните годинава постигнаа извоз од над милијарда евра, а во зоните се вработени околу 11 илјади работници. Очекувам трендот на раст на странските инвестиции да продолжи и во 2015 година. За деветте месеци од оваа година влезот на странските инвестиции изнесува околу 200 милиони евра и очекувам да се надмине 2013-та година. Оваа бројка очекувам во иднина да се зголеми бидејќи имаме потврда од 20-тина компании да почнат бизнис во Македонија – изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
И на вчерашната отворена владина седница беа најавени уште неколку странски инвестиции, што укажува на фактот дека во првиот квартал од следната година ќе порасне нивото на странските директни инвестиции во земјава.
За добрите проекти ќе има свеж капитал
И в година банките ќе го одврзат ќесето и ќе продолжат да го кредитираат приватниот сектор. Стопанството ќе има на располагање свежи пари, а за добрите проекти на фирмите, банките нема да се штедат. Ова се прогнозите за следната година според познавачите на финансиската индустрија.
Банките се добро капитализирани. Се бараат здрави компании со добри проекти во коишто ќе бидат пласирани средствата, и тоа по поволни услови, имајќи предвид дека каматните стапки се на историски најниско ниво.
Последните податоци покажуваат дека кредитирањето расте со стапка од речиси 10 отсто, а нивото на ризичните пласмани се стабилизира на околу 12 отсто. Процентот на нефункционалните кредити е понизок од сите земји во регионот, но се уште претставува ограничувачки фактор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


