| четврток, 6 декември 2018 |

Од април сметките за вода на компаниите ќе се плаќаат електронски

g_vodovod

Сметките за вода од први април идната година компаниите ќе ги плаќаат исклучиво по електронски пат, а граѓаните ќе можат да избираат. Тоа го предвидуваат измените на Законот за снабдување со вода за пиење. На тој начин ќе се заштеди и време и пари, смета министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Ресорниот министер рече дека дел од директори на јавните комунални претпријатија се подготвени, дел не се.

-Предвидуваме сметките што се за вода од јавните комунални претпријатија до компаниите, од 1 април наредната година да се доставуваат исклучиво по електронски пат, бидејќи со претходните измени предвидовме сите компании што се регистрирани во Централниот регистар и институции да мора да достават нова адреса. Врз база на тоа сега предвидуваме сметките за вода до компаниите исклучиво да се доставуваат по електронски пат. Тоа ќе заштеди многу средства во јавните комуналните претпријатија, бидејќи прво нема да ги печатат сметките, второ нема да прават трошоци за доставување на сметките и многу поефикасна ќе биде доставата на истите – истакна Јанакиески на отворената владина седница.

За граѓаните пак, се предвидува тоа да биде опција. Ќе им се понуди да пополнат формулар дали ќе сакаат да плаќаат на стариот или на новиот начин. Доколку го одберат електронскиот пат, ќе бидат осигурани дека сметките ќе ги добиваат навремено.

-Граѓанинот ќе напише посебен формулар, или да ги доставуваат сметките по електронски пат или да се доставуваат печатено. И така на некој начин ќе овозможиме полесна достава за сите оние граѓани што имаат меил адреса и сакаат така да им стигнуваат сметките, подвлече Јанакиески.

Ова, според министерот, драстично ќе ја ослесни работата на јавните комунални претпријатија, но исто така ќе им овозможи и намалување на цените.

-Предлагам и Министерството за животна средина да го измени Законот за отпад за да овозможиме и сметките за отпад на овој ист начин да се доставуваат до правните лица и до граѓаните, заврши ресорниот министер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top