| четврток, 6 декември 2018 |

За субвенционирање на новосоздадена македонска музика издвоени се над 31 милион денари

05-muzika-620x350

За субвенционирање на новосоздадена македонска музика од буџетот беа издвоени 31.488.000 денари за сите категории на композиции, предвидени се финансии за 200 композиции, но на конкурсите се избрани 106 композиции, поради слабиот квалитет на понудените композиции.

Ова на денешната отворена Владина седница го посочи министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

– Во моментот тече последниот конкурс објавен од почетокот на месец декември со што ќе се завршат годинашните огласи, и за следната година се обезбедени средства и програмата се однесува на сите категории, рече Канческа-Милевска.

Таа додаде дека на конкурсите можат да се јават сите стручни музичари од државата.

– Недоволно се искористија средставта поради квалитетот на доставените народни и забавни композиции, кои според стручните комисии беше слаб, објасни министерката за култура.

До сега се субвенционирани 106 композиции, а и за следната година е предвиден буџет за околу 200 македонски композиции.

На првиот оглас беа одбрани 36 композиции, а скоро толку и на останатите конкурси. Сега во декември е објавен последниот конкурс и ќе видиме уште колку ќе бидат избрани, но секако нема да го достигнат предвидениот број до 200 композиции, посочи Канческа-Милевска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top