Mинистерот без ресор Бил Павлески на денешната отворена владина седница најави дека кон крајот на јануари, почетокот на февруари, германска компанија ќе ја објави својата инвестиција во Македонија. Во почетната фаза планираат да вработат околу 200 до 300 луѓе. Најпрво ќе почнат со браунфилд инвестиција, а потоа и со градба на своја фабрика, кога ќе се зголеми и бројот на вработувањата.
-Работиме на повеќе тековни проекти. Има една германска компанија каоја веќе донесе одлука да инвестира во Македонија и тие го селектираа градот Прилеп. Оваа вест од компанијата ја објавија на бизнис- форумот во Франкфурт. Станува збор за фирма која инвестира во една нова технологија која се употребува во автомобилската индустрија, се работи за пластично моделирање компоненти кои влегуваат во компонентите во автомобилските делови. Оваа нова технологија и како инвестиција е добредојдена во Македонија – изјави министерот Павлески
Уште една компанија од Германија селектирала парцела во ТИРЗ 1- Скопје.
-Ќе започнат со градба на фабриката оваа пролет. Во фаза сме на формализирање на договорите и кога ќе се формализираат ќе се објави оваа компанија. Вработувањата ќе достигнат околу 500 до 600. Инвестицијата би била околу 30 милиони евра. Ќе вработуваат доста високо- квалификувана работна сила и ќе произведуваат разновидни електрични уреди -додаде министерот.
Во блиска фаза сме и да завршиме уште една инвестиција, истакна Павлески, која се планира да биде во источниот дел на Македонија.
– Оваа фирма би произведувала делови во автомобилската индустрија. Се работи на конкретизирање на договорите со оваа компанија и секако кога тоа ќе се направи, оваа инвестиција исто така ќе биде објавена во периодот на оваа пролет, можеби и порано – рече Павлески.
Павлески подвлече дека уште две компании ја пикираа Македонија како една од најдобрите инвестициски локации. Едната од нив е американска компанија од областа на информатичката технологија, која планира да отвори кол-центар.
Министерот без ресор Фуркан Чако, потенцира дека има постојани преговори со турски инвеститори, како и со компании од Словачка, за кои поконкретни резултати ќе има во првите три месеци од 2015 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.