Убеден сум дека повторно ќе се зголеми цената на нафтата, изјави саудискиот министер за нафта Али ал Нејми на денешниот енергетски форум во Аби Даби.
Тој падот на цената на нафтата го објасни „со недостигот на соработка“ од страна на државите кои не се членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК).
Саудиска Арабија е најголем производител на нафта во ОПЕК.
Претходно, министерот за енергетика на Обединетите Арапски емирати Сухаил ал Мазрви истакна дека намалувањето на цената на нафтата е поради преголемата понуда од страна на земјите производители кои не се членки на ОПЕК.
– Една од основните причини за падот на цената е неодговорното производство на некои држави надвор од Организацијата, посочи ал Мазрви.
Цената на нафтата од средината на јуни досега се намали за околу 50 проценти, пред се поради големата понуда, зголемувањето на вредноста на доларот и слабата побарувачка поради успорувањето на светската економија.
Кон крајот на ноември ОПЕК одлучи да ги остави непроменети производствените квоти од 30 милиони барели нафта на ден. Дури 90 проценти од приходите на поголемиот број монархии во Персискиот Залив се од нафтата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.