| четврток, 6 декември 2018 |

Барселона сака поинаква приказна и елиминација на Милан

Барселона нема ништо, по првиот меч против Милан, што го загуби со 0-2, а се надева дека ќе добие се, по вечерашниот реванш на „Камп Ноу“, во осминафиналното дерби во Лигата на шампионите.
Каталонците ќе мора да го сторат досега недостижното и да минат противник што има предност од два гола, без примен погодок. Такво нешто е незабележано во историјата на луксузното натпреварување, но ако некој може да стори подвиг тоа е Барса.
Меси, Иниеста, Чави и останатите „тика-така“ мајстори, имаат квалитет за пресврт во своја корист. Нагости им доаѓа ривал што пријатно изненади во Милано на првиот меч, има голема предност, но има и слабости. За Милан нема да игра напаѓачот Пацини, а во лошо сеќавање им е и елиминацијата од Ла Коруња, во сезоната 2003/2004, кога имаа и поголема предност, па испаднаа.
Во Шпанија тогаш, „росонерите“ допатуваа со залиха од 3 гола (4-1), но настрадаа и испаднаа со пораз од 0-4. За малку истиот филм ќе се репризираше и против Арсенал, кога пак, Милан имаше комотна предност од 4-0 по првиот дуел, но за само едно полувреме, топчиите анулираа 3 гола и водеа со 3-0 во реваншот во Лондон. Сепак тогаш Милан мина понатаму, иако беше на прагот на уште една сензационална елиминација.
AC Milan vs FC Barcelona
Тоа што ги храбри миланезите е совршената игра од првиот дуел со Барса. На големиот противник не му дозволија да направи ниту една шанса, и ако одиграат слично, шансите се на нивна страна.
– Сега ние сме на ред да покажеме дека ерата на Барселона не е мината. Верувам дека е прерано за тоа, а вечерва ќе играме и за Тито (Виланова, н.з.) – вели Чави.
Од него, Иниеста и најмногу од Меси, се очекува да го повлечат тимот од летаргијата. Во Каталонија се е подготвено за подвиг, а интересна е паролата „ 3-0 за Тито“, што веројатно ќе ја видиме и вечерва на „Камп Ноу“. Меси посакува прекин на непријатната традиција за него, која вели дека на италијански тим сеуште не му дал гол.
Galatasaray Istanbul vs Schalke 04
Неизвесно е и кој ќе биде вториот патник за четвртфиналето, од вечерашните натпревари, или вкупно шести досега. Во Гелзенкирхен, Шалке 04 ќе му биде домаќин на Галатасарај, по ремито од 1-1 на првиот меч. Голем пех им се случи на Германците со повредата на напаѓачот Клас Јан Хунтелар, за кого оваа сезона е завршена. Од друга страна, Галатасарај допатува во Германија, по шокантниот пораз од Генчлербирлиги, но Фатих Терим се надева дека тоа нема да остави трага врз самодовербата на Дрогба, Снајдер и останатите ѕвезди на турскиот гигант.
Реал Мадрид, Пари сен Жермен, Јувентус и Борусија Дортмунд веќе обезбедија настап во четвртфиналето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top