Божик е период за подароци. Се чини дека и Европската унија е расположена за тоа – земјите-членки подготвуваат огромен пакет-подароци. Во текот на наредните три години, Европа сака да инвестира 315 милијарди евра во стратегиски проекти.
Многу земји-членки се толку задолжени, што не можат да си дозволат да инвестираат. Државниот долг на Франција во однос на домашниот бруто-производ во 2015 година ќе биде 101,2 проценти. Ситуацијата во Шпанија и во Италија е уште потрагична. Целта на инвестициските пакети е да ја придвижат запрената економија на ЕУ. Шпанија, на пример, би можела да ги искористи средствата за подобрување на транспортните врски до подвлечените области. Европската инвестициска банка (ЕИБ) ќе ги одреди потенцијалните проекти.
И Грција би можела да инвестира во инфраструктурата. Освен ширење на електричната мрежа, Грција би можела да ја развие и ветерната енергија за позелена иднина.
Но, нема да профитираат само задолжените земји. И Германија би можела да пушти рака во фондовите за да ја подобри покриеноста со широкопојасен интернет, посебно во руралните средини. Тоа би било полезно и за бизнисот, и за домаќинствата.
Се очекува дека инвестициските проекти во Европа ќе отворат 1,3 милион нови работни места. Тоа значи дека Европската комисија, дефинитивно, ќе ѝ вдахне нов живот на економијата. Но, од каде доаѓаат сите тие пари? Знаеме дека годишниот буџет на ЕУ е само 142 милијарди евра. Вистински ли е божикниот подарок од претседателот на Комисијата?
На кутијата пишува „315 милијарди“, внатре има само 21 милијарда, кои ЕИБ ќе ги искористи за да обезбеди заеми, па, така, пакетот ќе нарасне до 60 милијарди евра. Според планот, потоа ќе се привлекуваат осигурителни компании и пензиски фондови за петкратно зголемување на капиталот, ветувајќи им профит. Токму на тој начин Брисел сака да претвори едно евро во 15 евра, или 21 милијарда да станат 315 милијарди.
Приватните инвеститори, најверојатно, нема да се соочат со големи ризици, а даночните обврзници би биле во опасност само во случај на загуба. Дали ова, навистина, е празничен подарок за граѓаните на ЕУ? Или, пак, Божик ќе го празнуваат само инвеститорите?
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, пред Европскиот парламент го презентираше новиот план, наречен „Европски фонд за стратегиско инвестирање“ (ЕФСИ). ЕФСИ е под покровителство на ЕУ и на ЕИБ – ЕУ ќе учествува со 16 милијарди од сопствениот буџет, а другите пет милијарди ќе ги обезбеди ЕИБ. Поддршката на планот од приватни фирми ќе им донесе петнаесеткратен профит на ЕУ и на ЕИБ, проценува Европската комисија.
Јункер сака да ги пласира тие 315 милијарди евра во инфраструктурни проекти, кои би засилиле многу сектори во сите 28 земји-членки – транспорт, енергетика, мал бизнис, вработување на младите, образование и поврзување со широкопојасен интернет.
ЕУ мака мачеше со голем дефицит, висока стапка на невработеност и мал развој во изминатите неколку години. И покрај знаците на оздравување од рецесијата, сепак, за инвеститорите Европа сè уште е ризична дестинација за инвестирање, што е уште еден болен удар за државите, чиишто власти мораа повеќекратно да ги намалат трошоците за да ги достигнат буџетските цели на ЕУ.
Цифри до облаците
Презентацијата на ЕФСИ доби и поддршка и критики од стручњаците надвор од ЕУ.
Првата економистка на ОЕЦД, Кетрин Ман, истакна дека е логично што ЕУ ги реконструира фондовите за да привлече инвеститори.
– 315 милијарди е бројка до облаците, високо горе в облаци. На маса, всушност, има многу, многу помалку готовина – изјави Ман за „Ројтерс“.
Меѓутоа, пак, за други овој план е издржан и остварлив.
– Планот на Европската комисија е сосредоточен на засилување на најважните бројки. Тој се заснова на значително „натрупување“ приватни ресурси, што често било неуспешна идеја, изјави економистот Рајнхард Клусе од „Ју-Би-Ес инвестмент банк“ во Лондон за „Франс прес“.
Јункер мора да добие одобрување и од Европскиот парламент, и од владите на сите земји-членки пред да може да го спроведе ЕФСИ.
Извор | „Дојче веле“
Превод | Марија Манасиева
(Текст објавен во 119. број на неделникот Република, 12.12.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.