| четврток, 6 декември 2018 |

Православните христијани го слават Свети Никола – заштитникот на сиромашните

sveti_nikola(1)Православните христијани во Македонија го празнуваат Свети Никола Чудотворец, светецот заштитник на сиромашните, на морепловците, на рибарите, на морињата, на вдовиците, на сираците… Свети Никола е еден од најпочитуваните светци, a го слават и православните и католиците, но и дел од муслиманите, особено во Турција. Во Македонија и во светот има безброј цркви, манастири, икони и фрески што се посветени на овој светец.

Овој славен светител, кого и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие му го посветија на Бога, принесувајќи му така дар. Знаењето за духовниот живот св. Николај го здоби преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко.

По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостиња, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3). Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од мене овенчан“.

Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, неустрашлив. св. Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимилијан го фрлија в затвор, но тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји. Присуствуваше на Првиот вселенски собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и храбар заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре ангел Божји. Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше.

Се упокои на 6 декември 343 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top