| четврток, 6 декември 2018 |

Kако Свети Никола стана Дедо Мраз?

santa

Ликот на Свети Никола, познат по долгиот црвен капут и белата брада, во многу земји низ светот послужил како пример за Дедо Мраз, кој во христијанската култура се смета за човек кој разнесува подароци на санка влечена од ирваси.

Една легенда вели – Дедо Мраз потекнува од Свети Никола, кој бил бискуп познат по својата великодушност и љубов кон децата. Една од славните приказни за неговата великодушност кажува дека тој еднаш на еден сиромашен човек му фрлил цела вреќа со богатство, која требала да му послужи како мираз за неговата ќерка, која инаку требала да биде продадена како робинка.

Сиромавиот човек златото го криел во своите чизми, кои се сушеле покрај печката. Затоа денес децата ги оставаат своите чизми покрај врата, за Свети Никола да им даде некаков подарок.

Поврзаноста на Свети Никола и Дедо Мраз е видлива од англиското име кое гласи Santa Claus, а тој не е никој друг туку Saint Nicholas, односно Свети Никола.

Но, во повеќето христијански средина Свети Никола се задржал како делител на подароци низ светот, а тој период од годината е пригода за дружење, подарување и радост.

Свети Никола имал два свои дена

Според проф. д-р Марко Китевски, пренесена од Блаже Миневски, Свети Никола зазема значајно место во традицијата и верувањата на македонскиот народ, а многу семејства го сметаат за свој домашен заштитник, па затоа со многу обичаи, жртви, обредни лебови и слично го празнуваат неговиот ден, денот на неговата смрт 19 декември. 

–  Како Свети Никола бил трансформиран во Дедо Мраз, и како приказната за Дедо Мраз, која доаѓа од север, се вклопила во биографијата на Свети Никола?

Преданието вели дека пред многу години Бог заповедал сите светци да имаат по еден свој ден во годината, а Свети Никола да има два дена. И не само тоа. Преподобниот Кисијан, кој најмногу го кодошел Свети Никола, бил казнет со тоа што добил дозвола само еднаш на четири години да му се празнува денот 29 февруари. Ако се преведе со денешен јазик, Кисијан бил лустриран, односно јавно казнет, па пред Бога се појавува само еднаш на четири години, како пратеник за нов пратенички мандат.

Но, шегата настрана, тема на овој текст не е ниту Кисијан ниту лустрацијата, туку Свети Никола, еден од култните светци на христијанството, кој во Македонија се празнува речиси масовно. Дел го слават како именден или како домашна слава, но многумина се чини не знаат дека токму овој христијански светец е инспирација за создавање на таканаречениот Дедо Мраз, глобалниот светец на потрошувачкото општество. Затоа некои велат дека Свети Никола, всушност, е Дедо Мраз!

Таквата замена на името за „внатрешна употреба“ со ново име за  „меѓународна употреба“ се случила тогаш кога е измислен преводот на  Санта Клаус со Свети Никола. За фолклористите, пак, Свети Никола бил трансформиран во Дедо Мраз затоа што во народните верувања, песни и приказни, но и на старите икони и фрески, редовно е прикажуван како старец со долга бела коса и брада. Сепак, засега, се разбира, сѐ уште не се знае точно како настанала приказната за Дедо Мраз која доаѓа од север, и како таа приказна се вклопила во биографијата на Свети Никола?

„Кока-Кола“ го раширила култот за Дедо Мраз благодарејќи на Сталин?!

Иако во Македонија се празнува Свети Никола, чудотворецот што за секој човек имал подарок. За жал, сега тој веќе не носи подароци како што носел пред стотина години. А тогаш, дури и во овие краеви на светот, децата подароците ги чекала само од него. Сега го чекаат Дедо Мраз.

Како Свети Никола од иконите и фреските се преселил на камионите што носат „кока-кола“, и како станал дедо со црвени образи и карактеристична глобална насмевка? Првпат денешниот Дедо Мраз, метафорички потомок на Свети Никола, бил прикажан на цртеж во 1931 година, облечен во црвен костум со бела крзно, како комерцијален бренд на компанијата што правела пијалак за целиот свет.

Таков каков што, со мали измени, се задржал до денеска го нацртал Хадон Синдлом, со намена да се зголеми продажбата на пијалакот, а истовремено компанијата да се прикаже низ благороден, добродушен човек што дели подароци насекаде во светот.

Инаку, освен Свети Никола, односно освен овој трансформиран Свети Никола со „кока-кола“ в раката, кој е светски лидер во оваа област, во Франција подароците ги носел Пер Ноел, во Англија – Фадер Крисмас, во Италија – Ла Бефана, во Шведска тој се нарекува Јултомтен, во Холандија го нарекуваат Синтерклас, во Финска е Јоилипуки, кој како лик е најсличен со оној од приказната за „кока-кола“.

Впрочем, скандинавските ликови влијаеле најмногу врз американската приказна за оној што носи дарови со санка што ја влечат суперсонични ирваси. Затоа најпрво Дедо Мраз е нацртан како стар и весел дебелко, како холандскиот Синтер Клас од почекот на 19 век. Во Америка се појавил како лик со име Санта Клас, кој личел на некакво добродушно животно со рилка завиткана во американско знаме. Во вториот обид, Санта Клас станал човек со широко лице и дупченца на образите, црвен нос, бела брада и голем тркалезен стомак. Облечен е во бојата на „кока-кола“, се разбира.

Сепак, најинтересно е тоа што по Втората светска војна, власта на СССР, најголемата христијанска земја во светот, односно другарот Сталин лично, забранил да се употребува името на Свети Никола, а со тоа отвора простор христијанскиот светец во глобални рамки веднаш да се замени со Дедо Мраз.

Оттука, Дедо Мраз е измислица на западната комерцијална машинерија, но во исто време тој е и трансформација на Свети Никола, односно искомерцијализиран лик на светецот од Мирликиската митрополија. Да не бил Сталин, Свети Никола можеби  сѐ уште ќе делеше подароци без да има обврска да се појавува на камионите со „кока-кола“!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top