| четврток, 6 декември 2018 |

Нови котации на Македонска берза

македонска берзаКомисијата за хартии од вредност дозволи со новите правила за котација да се воведат уште два потсегменти на официјалниот пазар, и тоа задолжителна котација и котација на мали акционерски друштва. Измените се во насока на последните измени на Законот за хартии од вредност, со кои Владата го прошири кругот на фирми што ќе котираат на берзата.

Како критериуми за котирање на потсегментот Задолжителна котација се предвидени ревидирани финансиски извештаи за последните две години, номинален капитал во износ од 1.000.000 евра, најмалку еден процент распространетост на родот на акциите во јавноста и најмалку 50 акционери. Акционерските друштва што ги исполнуваат овие услови задолжително ќе котираат во период од пет години.

Со овој зафат расте бројот на компании што ќе котираат на македонската берза, со што се зголемува транспарентноста за нивното работење и може да се очекува да се прошири изборот на потенцијални инвеститори на македонскиот пазар на хартии од вредност за инвестирање, што во минатото, а особено во услови на динамизирање на пазарите на капитал, се покажа како вистински чекор, се вели во соопштението на КХВ.

Како критериуми за потсегментот котација на мали акционерски друштва се предвидени ревидирани финансиски извештаи за последната година и најмалку 250.000 евра капитал. Овој потсегмент постои во речиси сите развиени пазари на капитал, сè со цел да им се даде можност на малите друштва да се претстават на пазарот на хартии од вредност.

Со ова се овозможува потенцијалните инвеститори да се запознаат со перформансите на малите акционерски друштва, а тие, пак, добиваат шанса да прибираат свежи парични средства преку издавање акции.

Основната цел на воведувањето на уште два потсегменти на официјалниот пазар е преку зголемена транспарентност на долг рок да се стимулира поголема понуда на нови хартии од вредност, а се во насока да се раздвижи пазарот на хартии од вредност, да се обезбеди поголема атрактивност за потенцијалните инвеститори, како и да се постигне поголема ликвидност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top