Актуелната ситуација во Русија неизбежно ќе се нормализира, а јас не би ја нарекол криза, изјави претседателот на Русија, Владимир Путин, во годишното обраќање пред 1.200 новинари.
Путин на почетокот на маратонскиот разговор со новинарите рече дека експертите и јавноста можат да ги нарекуваат работите како што сакаат, но дека Русија, и покрај падот на рубљата и на цената на нафтата, не е во криза.
Владата и централната банка адекватно реагираат на ситуацијата, и покрај тоа што можеби можеа и побрзо да повлечат некои потези. Неизбежно е и сигурно е дека ситуацијата ќе се нормализира. Светские енергетски потреби ќе ни го повратат растот, но во меѓувреме мораме да ја диверзифицираме својата економија, изјави Путин.
Путин, исто така, изјави дека проблемите ги предизвикале надворешни фактори и дека е оптимист по прашањето на стаабилизирање на рубљата и економијата, а рокот за целосно опоравување е најмногу две години.
– Во најлош случај нормализирањето може да трае две години, но нема причина да мислиме дека ќе се случи најлошото сценарио. Верувам дека рубљата ќе продолжи со стабилизација во следните денови и дека веќе од средината на следната година сѐ ќе биде стабилизирано – рече Путин.
Рускиот претседател рече дека сите социјални обврски ќе бидат исполнети, дека државните резерви оваа година ќе забележат раст и дека не треба да се трошат на одбрана на рубљата.
Путин наведе дека руската економија ќе се приспособи на животот, односно на ниските цени на нафтата.
– Цените на нафтата можеби ќе паднат и на 40 долари за барел, но тоа не е најважно. Економијата ќе се приспособи на реалноста, руската економија ќе се приспособи на цената на нафтата и тоа е она што сакам да го истакнам. Прашањето е само колку време ќе биде потребно за такво нешто – рекол Путин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


