| четврток, 6 декември 2018 |

Нeма веќе 20.000 евра за победникот на „Макфест“

Македонскиот фестивал на забавни песни „Макфест“ го објави конкурсот за 2015 година и за јубилејното, 30. издание. За разлика од оваа година кога наградите за победниците беа изедначени со тие на „Скопски фестивал“, следната година учесниците ќе се борат за двојно помали суми.

Општина Штип, како организатор, и Министерството за култура, како главен покровител на манифестацијата, ќе доделат вредни награди во седум категории, и тоа:

Прва награда во износ од 10.000 евра, која ќе биде доделена врз основа на вкупниот број освоени гласови во финалната вечер.

Втора награда во износ од 7.500 евра, која ќе биде доделена според вкупниот број освоени гласови во финалната вечер.

Трета награда во износ од 5.000 евра, која ќе биде доделена според вкупниот број освоени гласови во финалната вечер.

Награда за најдобра вокална изведба во износ од 1.000 евра, која ќе му се додели на најдобриот изведувач во согласност со одлука донесена од страна на стручна комисија.

Награда „Драган Ѓаконовски – Шпато“ во износ од 1.000 евра, која ќе му се додели на најдобриот аранжер во согласност со одлука донесена од страна на стручна комисија.

Награда за најдобар дебитант во износ од 1.000 евра, која ќе му биде доделена на најдобриот интерпретатор во согласност со одлука донесена од страна на стручна комисија.

Награда за најдобар сценски настап во износ од 1.000 евра, која ќе му биде доделена на најдобриот интерпретатор во согласност со одлука донесена од страна на стручна комисија.

Признание за најслушана композиција меѓу два фестивала, кое ќе им биде доделено на авторите и на изведувачите во согласност со одлука донесена врз основа на претходно изјаснување на 5 национални радиостаници.

Фестивалот ќе се одржи во втората половина на мај, а локацијата ќе остане во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип.

Најпрво ќе бидат изведени две полуфинални вечери со по 30 нови композиции, а изведувачите ќе бидат придружувани од Ревискиот оркестар на МРТВ. 18 од нив, односно по девет од секоја полуфинална вечер, ќе бидат уште еднаш отпеани во големото финале.

Рокот за пријавување трае до 31 јануари 2015 година, а за правилата и условите можете да прочитате на официјалната веб-страница на фестивалот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top